Германската влада му наложи на производителот на автомобили Дајмлер да повлече 238.000 возила во Германија откако било утврдено дека се опремени со софтвер што ја лажира емисијата на штетни гасови во дизел возилата.
Во цела Европа има вкупно 774.000 дизел возила што ги содржат спорните уреди, а Дајмлер порача дека сите ќе ги повлече.
Во најголема мерка се погодени Мерцедес Ц класа, Вито и ГЛЦ, односно нивните дизел верзии, соопшти германското Министерство за сообраќај.
Дајмлер соопшти дека повторно ќе инсталира софтвер, но негираше дека имало било какви злоупотреби.
Аферата со лажирање на емисијата на штетни гасови се надви над германската автомобилска индустрија во септември 2015 година, кога Фолксваген призна употреба на софтвер кој може да препознае кога дизел автомобилот е ставен на тестирање и привремено да ги намали штетните емисии, со цел да ги задоволи американските регулатори.
Аферата „Дизелгејт“ го чинеше Фолксваген околу 30 милијарди долари.
Во меѓувреме, утврдено е и дека и други производители на автомобили имаат вградено слични уреди. БМВ во февруари отповика 12.000 дизел автомобили, а Порше во мај 60.000. Ниту една компанија не призна дека работела нелегално.