Околу илјада вљубеници во планинскиот велосипедизам, исто толку планинари минатиот викенд пристигнаа во селото Мрежичко да бидат дел од третото издание на манифестацијата „Допри го сонцето- АЛШАР2018“ во организација на кавадаречкото здружение „Тиквешки точакџии“.

Прекрасна дружба, бројни активности, забава и награди беше заедничкиот именител на викенд дружбата на вистинските љубители на планинскиот велосипедизам буквално од цела Македонија за што сведочеше и трикилометарската колона на паркирани возила на пристапниот пат кон селото Мрежичко. Организаторите заедно сите сите свои пријатели и спонзори беа одлични домаќини и уште еднаш ја потврдија кавадаречката гостопримливост.

Централниот фестивалски ден се случи во неделата на 10. Јуни кој како и минатите две години започна со македонската химна и кавадаречките пешии подготвени од тимот на ресторанот „Ексклузив“. Пред стартот на трите велосипедски тури и две планинарски на присутните им се обрати Лазар Трајков од „Тиквешки точакџии“, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев кој исто така беше дел од велосипедските тури и ректорот на универзитетот „Гоце Длечев“, Блажо Боев. Целата убава дружба ја зачини и присуството на најдобрата кавадаречка петнаесетка легендарниот кавадаречкиот кошаркар Горан Самарџиев кој им се обрати на учесниците и им посака среќа. Во Мрежичко го видовме и Петар Ангелов –Диви македонската ракометна легенда како и актерите Зоран Љутков и Игор Ангелов кои им се придружја на велосипедистите.

Покрај бројните виолетови-жолтобели маички како белег на годинашнава манифестација видовме голем број на бели и црни маички со амблемот на Алшар што говори дека тие што еднаш се „инфицирале“ од убавините на тамошната природата и мистичната приказна за минералот лорандит и Сонцето како и прекрасните велосипедски и планинарски патеки повторно дошле во Мрежичко. За сите оние добронамерници и обични посетители фасцинарачка беше глетката на огромниот број велосипедисти од најмали до највозрасни, на нивниот ентузијазам, упорноста и љубовта кон велосипедизмот. Доброто расположение и позитивната атмосфера не ги наруши ни поројниот дожд во саботата како и минатата година кога еден од учесниците коментираше –„На кавадарчани не им е потребно Сонце за топлиот пречек“.

По враќањето од турите учесниците беа пречекани со вкусно гравче и свежо точено македонско пиво, а за забавата се погрижија диџеј Дане Маџиковски и модераторите Душко Стефанов и Видан Станоев кои покрај бројните поделени награди благодарение на многуте спонзори измамија многу насмевки кај присутните.

Ми.М.