Веќе нема наш просечен човек кому и малку му значи за нашава татковина Македонија, како во општественото живеење така и за природната околина-животната средина, уште и наречена географска средина. Ова географска означува колку човекот, општеството дејствува на природната средина позитивно, а за жал денес негативно. Овде мислам на нашиве поголеми градови, а за главниот град и да не зборуваме. Загадувањето на животната средина денес е планетарен проблем, како кај богатите и развиените земји така и кај сиромашните. И тоа не само на воздухот, ами и на почвите и водите. Поради тоа речиси во целиот свет се јавуваат движења наречени еколошки, кои дејствуваат во откривањето на загадувањето на животната средина, а потоа тие протестираат пред власта и индустриските објекти, често наречени гнасна индустрија. Со право. Од нив се развија и политички партии наречени „зелените“. Еден од нивните водачи, Јошка Фишер, беше респектабилен фактор на политичката сцена во Германија. А и сега.
(Да не ми биди замерено во воведов што се вметнувам и јас иако сум свесен дека тоа не е скромно, но се едуцирав низ студиите, а и во работата за животната средина 30-40 години и на моите ученици им вметнував надвор од учебниците за животната средина како проблеми на нашите села или градови денес, за проблемите на воздухот, почвите, а особено на реките. А моите ученици на еден републички натпревар за темата „Низводно од изворот до устието на Голема Река“, така се вика најголемата река во мојот крај, ја добија втората републичка награда, а жирито особено ни честиташе за оригиналноста.)
Ова како вовед, овде во овој осврт ќе се задржам на нашиов воздух во нашиве градови. Притоа можете, почитувани читатели, да ми замерите за наивност, но не за педократија или инфантилност. Но да почнеме конкретно. Овде се задржувам, како што се гледа и од насловот, на воздухот да го наречам наш, и вака започнува мојата конкретна потрага. Земам лист хартија со квадрати и одам во гаража. Правам отпечаток од широчината на оџакот (ауспухот) од моево „југо 55“, година на производство 1992-та, и се враќам назад и сметам. Ширината на ауспухот на моево „југо“ изнесува повеќе од 12,5 см2. Едно „југо“. Ами 100 (сто) југа по 12,5 см2 би добиле ауспух (јас намерно ауспухот на стариве автомобили го велам оџак) од 1.250 см2; ами ако се 1.000 (илјада) стари возила по 12,5 см2, би добиле оџак со пречник од 12.500 см2. И како 1м2 има 100х100 см2, или тоа е 10.000 см2, би добиле дека тие илјада автомобили би направиле оџак од 1,25 м2 или ауспух поголем од 1 м2. Ами ако се 10.000 такви стари возила, тоа се 10 такви оџаци поголеми од 1 м2. Ами ако се 20.000 возила? Овде престанувам да сметам – не можам! Не се толку. Многу повеќе се! Пресметајте ве молам колку оџаци под притисок вшприцуваат смок-загаден воздух со пм 10 честички, гасови со примеси на сулфурен диоксид, јаглен моноксид, јаглен диоксид, оловен оксид со токсични материи, контаминиран воздух, канцероген и др. И ваквите возила да работат само по два часа дневно, а не се два часа, ете нека се 4 часа, 7 дена, 3 месеци…
Неодамна, градоначалникот на Скопје, г. Шилегов пред медиумите напомена дека во претходната година се увезле 40.000 (четириесет илјади) стари возила?! Па, пресметајте ве молам какви оџаци го трујат воздухот наш насушен. Уважената професорка С. Грчева, исто во една ТВ-емисија се прашуваше: „Па, кој тоа увезува отпад, кој ни го загадува воздухот…?“ Не поминаа десетина дена од официјални места разбра целата јавност од каде доаѓал отпадот (виа Наполи – Варна – Скопје). А два мафиози инсталирани во увозот на токсичен и загнасено ѓубре што тие го викаат отпад. Од што отпаднал? Беа споменати по име и презиме. Па, кој ги инсталирал нив? Па, се знае, министерства, политички партии и институции на системот. Ова како одговор на прашањето на уважената Солза Грчева. А како нашава земја е мала, и без тоа брзо се дознава зад кој дилер која политичка структура седи. Дилерите носат токсичен отпад и автомобили 100 отсто еколошки неупотребливи без никаква царинска контрола и друг надзор. Проѕирна е врската меѓу дилерите и поголемите браќа. Дискретна е нивната врска. Арно ама мало невнимание, дилерите и нивните налогодавци и рекетот брзо излегуваат на видело.
Овде толку за моево конкретно размислување и конкретно разгледување на ова прашање за загадувачите на воздухот.
Во размислувањево да ги напоменам и другите енергенти што често се споменуваат како загадувачи на амбиенталниот воздух. Меѓите не се опасност, но палењето стрништа е сериозен загадувач. Но треба да се потенцира дека палењето стрништа е погубно за почвите, затоа што почвата е жив свет од многу организми, а најмногу микроорганизми, оние добри микроорганизми што ја создаваат почвата. Во просечна почва на 1 см3 има два-три милиони микроорганизми. Затоа почвата се нарекува педосфера, како што е атмосферата. Употреба на јагленот за загревање на домовите и мазутот во топланите сигурно се сериозни загадувачи. За жал денес мазутот бавно се заменува со плин во топланите, а тоа е изгледа, не изгледа ами сигурно, поради толкава способност или поради тактизирање на ,,бизнисмените“ што ги држат топланите, ,,непристрасните“ тендери и постојано добивање судски спорови со граѓани што не користат парно греење, а мора да платат. Значи, вмешаност и на судскиот систем.
Што се однесува до токсичното ѓубре, а не отпад, увезено од странство, на народов во Македонија да му се кажува дека од увезеното ѓубре сме имале голема економска корист, тоа е безобразие и будалаштина. Па што мислат тие, дека народов кај нас се овци и им веруваат? Самиот факт што од друга земја му го даваат „за бадијала“ дури и пари по кубен метар, тоа го чинат затоа што тој е токсичен или отровен. Кога ни кажуваат за увоз на ѓубре, нека ги видат и службените билтени од најмеродавни места нашите медицински стручњаци, па тие ќе им кажат. Јас се плашам да не им текне на овие увезувачи да ни носат отпад од атомските централи во нивните земји. Ете до каде се дојдени политичките насилници. А дилерите и нивните големи браќа влечат пари дури и од токсично ѓубре, а за народот му дошло колку за ланскиот снег. Спрегата дилери и политичари им дава мали плати на работниците, им го загадува воздухот, водите, сака да им го зашемети паметот, да им продава отворено „коноп“, дрога, како колумбискиот наркодилер Пабло Ескобар.
Никола Масалковски
П.С. Едно дообјаснување. Моето „југо 55“, драги почитувани уредници, вистина е од 1992-та, но тоа е со мотор од пред четири години, не го загадува воздухот и оди кај што ниеден автомобил не може да оди – во моето лозје и моите бавчи. А инаку јас можам да бидам и жител на Скопје, но никогаш нема да живеам, иако културните настани на главниот град ми се толку потребни. Инаку, ако наутро излезам во Скопје со бела кошула, до пладне затилокот ќе биде сосема извалкан. Ете, колку не бил загаден воздухот, викаат одговорните што за тоа земаат дебели плати. Чувари на нашата животна средина колку што Катица Јанева нѐ чуваше од арамиите! Од чувар се трансформира во најзакоравен арамија во целата земја.