Единицата за економски и компјутерски криминал при скопската полиција поднесе кривична пријава против 45-годишна скопјанка, вработена во службата за студентски прашања на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Таа се товари дека како референт во службата ги злоупотребила овластувањата и фалсификувала исправа.
Пријавената, во текот на минатата година, од шест студенти запишани на постдипломски студии на Економскиот факултет неовластено побарала и примила пари на рака, на име уплата за промена од стара во нова студиска програма, како и за продолжување на временскиот рок за изработка на магистерски труд. На овој начин таа се стекнала со противправна имотна корист во вкупен износ од 120.000 денари.
Таа на студентите им ветила дека во нивно име ќе ги уплати паричните средства на трансакциската сметка на Економскиот факултет, искористувајќи го фактот дека временскиот рок за уплата истекувал.
Притоа изготвила шест уплатници со невистинита содржина, во кои лажно прикажала дека паричните средства примени поединечно од секој студент се уплатени на сметката на факултетот и така изготвените лажни уплатници им ги презентирала на студентите како доказ за наводно извршена уплата, по што ги приложила во нивните студентски досиеја.
Полициски службеници извршиле проверки на Економскиот факултет, од каде што е обезбедена целокупната документација за случајот, по што биле извршени разговори со оштетените и пријавената.