Шеснаесетгодишната Филипа Николова не се согласува Грета Тунберг да зборува во нејзино име, како и во името на нејзината генерација. Слично како и Грета, бугарската тинејџерка е активна во граѓански и хуманитарни активности и процеси. Николова која е од Софија, моментно живее во Лос Анџелес, САД, поради работниот ангажман на мајка ѝ како трговски аташе. Таа ѝ се обрати на шведската активистка преку видео-снимка на Јутуб.
– Грета го напушти училиштето за да патува по светот и за да зборува за климатските промени. А во светот милион деца никогаш не биле на училиште. Обвинувањето дека некој ѝ го украл детството на Грета е цинично, особено кога милиони деца ширум светот немаат детство, бидејќи гладуваат или пак мораат да работат во ужасни услови за да опстанат. Исто така, велиш дека оние што ги донесуваат одлуките се загрижени само за парите и за економскиот раст. Но не можат да ги спротивставиш економијата и заштитата на животната средина. Препоставувам дека знаеш оти сите големи достигнувања на човештвото, во уметноста и во науката, се постигнати благодарение на поддршката на богатите – вели Филипа.