Завчерашното приведување на македонскиот државјанин Шевшет Демировски, сопственик на фабрика за наменско производство „АТС груп“ во скопско Визбегово, кого српските власти го сомничат за крадење доверлива документација за изработка на муниција за снајперска пушка со калибар 12,7 милиметри од фабриката за индустриско производство „Први партизан“ од Ужице, ја стави наменската индустрија под лупа на јавноста.
Во информациите за јавноста лиферувани од надлежното министерство од Србија, конкретно за кривичноправниот настан се информира дека „неколку лица од фабриката ’Први партизан’ од Ужице и еден македонски државјанин се осомничени за продажба и набавка на проекти и документи за производство на муниција и оружје“.
Од српското МВР соопштија дека апсењата биле дел од една сеопфатна акција што била извршена по налог на тамошното јавно обвинителство, Управата за криминалистичката полиција на српското МВР и Воено-безбедносната и Безбедносно-информативната агенција (БИА).
Српскиот весник „Вечерње новости“ објави дека уапсениот државјанин од Македонија е Шевшет Демировски, кој се сомничи дека „собирал доверлива документација од српската фабрика за муниција за да изработи машина за производство на куршуми со калибар 12,7 мм во погоните на некогашната фабрика за муниција ’Сувенир’ во Македонски Брод, како и во фабриката за оружје во Катар и Босна и Херцеговина, каде што се јавува како косопственик и сопственик“. Тамошните медиуми информираат дека по приведувањето на осомничените, надлежен судија веднаш им одредил притвор во траење од 48 часа. Исто така, се додава дека Демировски, кој инаку е сопственик на фабриката за наменско производство „АТС груп“ во Визбегово, бил сопственик на слични компании во други држави.
Од сѐ уште непотврдени извори, медиумите од Белград информираат дека македонскиот државјанин е обвинет за поткуп од најмалку 30.000 евра за добивање воено-техничка документација за машина за производство на муниција и оружје.
Тој ја добил документацијата со помош на тројца вработени во „Први партизан“ и еден пензиониран инженер од истата фабрика.
За потсетување на домашната јавност, фабриката во Визбегово на Шевшет Демировски, кој е лишен од слобода во Србија, беше отворена во јули годинава и беше претставена како голем исчекор за наменската индустрија и наедно за македонската економија и придобивка од идното членство на Македонија во НАТО. На отворањето присуствуваа премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, министрите Садула Дураки, Радмила Шекеринска, Крешник Бектеши.
Демировски донира и опрема во вкупна вредност од 50.000 евра за Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Казнено-поправната установа – Скопје.
Во јавно достапните информации на Централниот регистар на Македонија пишува дека Друштвото за производство и трговија „АТС ГРОУП ДООЕЛ“ има регистрирано седиште на адреса 1500 број 15, во скопската населба Бутел.
Според податоците на Централниот регистар, компанијата е основана на 24 февруари 2017 година и е во приватна сопственост и во моментов има активен статус.
Управител и менаџер на фирмата е Шефшет Демировски, кој навел дека живее во скопски Чаир, на улицата Џон Кенеди број 2-1/20, и пријавил основачки паричен влог од 5.000 евра.
Во јавните податоци пишува дека компанијата има евидентирани дејности за надворешен промет, а на 27 август 2019 година добила од Владата на Република Северна Македонија добила одлука за давање согласност за вршење промет на вооружување и воена опрема број 32/2.
Во изјава за „Нова Македонија“, по повод актуелните случувања, Бранислав Станковиќ, управителот на „Сумбро трејд ДООЕЛ“, член на словачката групација „МСМ груп“, која е компанија сопственик на капацитетите на поранешната фабрика „Сувенир“ од Самоков, вели дека нивната компанија соработува со поголем дел од фирмите со иста или слична дејност од воено-наменска индустрија во Македонија.
– Наводите за кои беше спомната нашата фабрика во јавните медиуми не соодветствуваат со целите и стратегијата на странскиот инвеститор, односно не поседуваме технолошки можности ниту капацитети за производство на калибар 12,7 мм, ниту сме планирале да го имплементираме – вели Станковиќ.
Тој подвлекува дека кредибилитетот и професионалноста на нивната компанија се на највисоко ниво и истакнува дека „Сумбро трејд“ е единствената фабрика за производство на малокалибарска муниција што игра важна улога во наменското производство на Македонија и во развојот на поречкиот регион.