Фудбалската асоцијација на Данска (ДБУ) објави дека размислува за заедничката понуда на земјите од Скандинавија за организација на женското Светско првенство (СП) во 2027 година. ДБУ соопшти дека станува збор за заеднички предлог од Данска, Норвешка, Шведска, Фарските Острови, Финска и од Исланд, чии претставници се состанаа во Стокхолм за да ги претстават своите планови наречени „Визија 2027“.
Проектот првично би требало да се фокусира на идентификување на градовите и на стадионите што би биле домаќини на натпреварите. На СП 2027 ќе настапат 32 репрезентации (на СП 2019 играа 24) и ќе се одиграат 64 натпревари, за што се потребни најмалку осум стадиони.
Ваквите најави од Скандинавија доаѓаат во период кога ФИФА ги разгледува понудите за организација на СП 2023. Во игра се осум земји-кандидати: Аргентина, Австралија, Бразил, Колумбија, Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Африка и Јужна Кореја, потенцијално со Северна Кореја. Советот на ФИФА во мај в година треба да одлучи на која земја и ќе ѝ ја додели организацијата.