Генералниот директор на АД Електрани на Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, во Богданци порача дека тамошниот ветерен парк ќе се проширува со поголеми и помоќни турбини.
– Со поголеми и помоќни турбини ќе го зголемиме нашето производство на електрична енергија од обновливи извори – порача Ковачевски.
Ветерниот парк Богданци во моментот работи со 16 турбини, a во втората фаза, која сега се спроведува, ќе биде проширен со уште 4 турбини, со поголема моќност од постоечките.
Со тоа, ветерната електрана од сегашните 36,8 MW инсталирана моќност, ќе биде заокружена на проектирана моќност од 50 MW, информираат од ЕСМ.
Ковачевски денеска се сретна и со градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов, на сoстанок на кој се разгледувале можностите за понатамошна соработка меѓу ЕСМ и општината.