Првите тројца во машка конкуренција се и најдобрите на АТП-листата, Ѓоковиќ, Надал и Федерер, а кај жените водат Барти, Халеп и Осака
Американскиот дневен весник „Њујорк тајмс“ ги објави имињата на тенисерите што годинава заработиле најмногу пари, но само на турнирите. Така, годинава најмногу заработил Србинот Новак Ѓоковиќ (број 1 на АТП-листата), 8,911 милиони долари. Според АТП, Ѓоковиќ настапил на 16 турнири и освоил 12.415 поени.
Втор на листата е Шпанецот Рафаел Надал, со заработени 7,027 милиони долари, на 16-те турнири на кои освоил и 7.945 поени. Трет е Швајцарецот Роже Федерер со 5,751 милиони долари од 16 турнири. Четврти е Австриецот Доминик Тим, со заработени 4,065 милиони долари и 4.595 поени, а петти е 20-годишниот Стефанос Циципас од Грција, со 3,003 милиони долари и 4.045 поени.
Кај жените на водечката позиција според заработката и според рангот е Австралијката Ешли Барти (23), победничката на Ролан Гарос, со 5,362 милиони долари. Потоа следува Романката Симона Халеп, шампионката на Вимблдон, со инкасирани 5,083 милиони долари на 17-те турнири, на кои освоила 5.933 поени.
На оваа листа на „Њујорк тајмс“ трета е Американката Наоми Осака (21) со 3,795 милиони долари, која на 18-те турнири освоила 6.257 поени. На четвртата и на петтата позиција се две тенисерки од Чешка. Каролина Плишкова годинава заработила 3,110 милиони долари на 22 турнири и Петра Квитова со 2,795 милиони долари.