Најпосетениот антички споменик во светот, атинскиот Акропол, денеска неколку часа остана затворен за посетителите поради исклучителната жештина во грчкиот главен град.
Како што беше соопштено, Акрополот треба да биде затворен од 13 до 17 часот по локално време, ако температурата во Атина надмине 36 Целзиусови степени, со субјективно чувство од околу 40 степени.
Метеоролозите и за утре предвидуваат топло време, така што најверојатно Акрополот и во петок ќе биде затворен за период од четири часа.
Акрополот, на кој се наоѓа и 2.500 години стариот Партенон е најпопуларна туристичка атракција во Грција, пренесува АП.
Минатата година, 3,15 милиони луѓе ја посетиле оваа локација.