Македонија во Минск, на вторите Европски игри, ќе настапи во осум спорта. На првите Игри, во 2015 година, македонските спортисти освоија два бронзени медала и тоа каратистите Емил Павлов и Мартин Несторовски
Македонија на 2-те Европски игри (ЕИ) во Минск, Белорусија, кои официјално почнуваат денеска и ќе траат до 30 јуни, ќе настапи со 12 спортисти во осум спорта, и тоа во борење слободен стил, бокс (по тројца), карате, џудо, кајак, стрелаштво, велосипедизам и во самбо (сите по еден). Жолто-црвената боја ќе доминира во боречките спортови (деветмина). Први во Минск заминаа боксерите, а другите ќе го сторат тоа етапно, во зависност од тоа кога ќе настапат. Знамето на Македонија на церемонијата на свеченото отворање на ЕИ ќе го носи младиот боксер од Тетово, Гоце Јанески (21).
– Подготвен сум за настапот во Минск, сите во репрезентацијата напорно работевме на тренинзите во Скадар. Дополнителна мотивација ми претставува фактот дека ќе го носам македонското знаме на овој собир на спортисти. Ќе сторам сѐ што можам за да остварам добар резултат, а истото тоа ќе го направат и моите репрезентативни колеги – вели боксерот Јанески.
На ЕИ во Минск се очекува да настапат повеќе од 4.000 спортисти од 50 држави во 15 спорта, односно во 23 дисциплини, од кои осум се застапени и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година. Треба да бидат поделени вкупно 200 медали (91 во машка и 89 во женска конкуренција и 20 во комбинација).
Еден од главните адути на Македонија во Минск е и двократниот европски првак во карате, Емил Павлов (категорија до 60 кг). Тој и каратистот Мартин Несторовски (над 84 кг) ги освоија првите медали, бронзени, на првите ЕП игри во Баку, Азербејџан пред четири години. Павлов до недела е на подготовки во Пехчево каде што ја темпира формата.
– Во Пехчево сум на 10-дневни подготовки и овде условите за тренирање се извонредни. Со мене е и голем дел од репрезентацијата до 21 година, која ми спарингува, а наедно и се подготвува за она што ја очекува во почетокот на јули во Умаг. Ќе дадам сѐ од себе во Минск да имам повторно успешен настап, иако конкуренцијата ќе биде исклучително силна – вели Павлов, кој беше македонски знаменосец на првите ЕИ.
На првите ЕИ во Баку (Азербејџан) во 2015 година (23 спорта) Македонија настапи со 45 учесници во девет спорта (атлетика, гимнастика, борење, карате, џудо, кајак, пливање, самбо и стрелаштво). Европските игри се меѓународен повеќеспортски настан помеѓу спортисти од цела Европа. Игрите беа замислени од Европските олимписки комитети (ЕОК), кои го објавиле нивното почнување на 41-то генерално собрание во Рим, на 8 декември 2012 година. Следните ЕИ во 2023 година треба да се одржат во полскиот град Краков.
Македонски спортисти во Минск
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ СПОРТ НАСТАП
Гоце Јанески бокс 21-30 јуни
Етеми Арсим бокс 21-30
Јасин Љама бокс 21-30
Далибор Богданов самбо 22-23
Арбреша Реџепи џудо 22-25
Андреј Петровски велосипедизам 22-25
Борјан Бранковски стрелаштво 22-28
Владимир Малески кајак 25-27
Магомедгаџи Нуров борење 25-30
Владимир Егоров борење 25-30
Фати Вејсели борење 25-30
Емил Павлов карате 29-30