Сеќавање

Жаклина Мучева

Анели Мари или Ана Франк е родена на 12 јуни 1929 година, во Франкфурт на Мајна. Нејзиното семејство во 1933 година се преселува во Амстердам, каде што Ана го помина поголемиот дел од нејзиниот прерано завршен живот и каде што тие ја дочекаа нацистичката окупација на Холандија. Од 1942 година семејството Франк се крие во деловната зграда во која пред војната работеше таткото на Ана, Ото Франк. Личноста што им помагаше во снабдувањето со намирници и скривалиште и која стана позната по своето добродетелство низ светот беше Мип Гиз.

Дневникот што Ана го добила за 13-от роденден, всушност, бил автограм книгичка, но Ана одлучила да го користи како дневник. Откако ја исполнила ваквата книшка, напишала уште два бележника, па наполнила 360 листа хартија со своите мисли. Повеќето текстови ги пишувала во облик на писма за лицето наречено Кити. Некои веруваат дека Кити е пријателка на Ана од пред војната – Кејт Кити Едиги, додека други веруваат дека станува збор за име од нејзината омилена книга „Јоп тер Хел“ во која пријателката на главниот лик се вика Кити.

Kнигата е преведена на 67 јазици и е еден од 35-те предмети вклучени во регистарот на светското сеќавање на УНЕСКО.

„Се надевам дека ќе можам да ти кажам сѐ што никогаш не сум можела да кажам никому, и се надевам дека ќе ми бидеш извор на поддршка и комфор.“ Ова е првиот запис во Дневникот на Ана Франк. Таа го напишала на 12 јуни, 1942 година на нејзиниот 13-ти роденден.

Ана стана глас на шест милиони Евреи, жртви на холокаустот.