Бродот „Сирена“, веднаш по синоќешниот судир, се превртел настрана и потонал за седум секунди, според сведоштвата објавени од унгарските медиуми. Пловилото со капацитет од 60 седишта, се судрило со луксузниот крузер „Викинг сиџил“ што се нашол во близина.
Меѓу 35-те патници на бродот се наоѓале 33 јужнокорејски државјани и двајца Унгарци. Несреќата ја преживеале седум луѓе, додека досега пронајдени се исто толку жртви, а уште се трага по 21 лице. Најмладиот патник бил на шестгодишна возраст, а највозрасниот имал 70 години.
Истрагата е во тек, а според првичните наоди, властите добиле известување за трагедијата, десет минути по судирот кој се случи синоќа во 21.05 часот. Пожарникарите дошле на местото на несреќата во 21.25 часот, а во спасувањето учествувале 25 возила, два брода со учество на 96 пожарникари. Полицијата упати апел до сведоците кои би можеле да дадат корисни информации.