Претставата „Арапска ноќ“ од Роланд Шимелфениг, во режија на Зоја Бузалковска, премиерно ќе биде изведена во театарот „Војдан Чернодрински“, вечерва, од 20 часот. Бузалковска вели дека Роланд Шимелфениг е еден од најистакнатите современи драмски писатели, чии текстови се преведени и поставувани на над 20 јазици.
– Добитник е на голем број награди за неговите дела, меѓу кои е и најпрестижната награда за драмски писатели во Германија, „Елзе Ласкер-Шулер“. Пишува на неконвенционален стил, кој често се карактеризира со вешто комбинирање на дијалозите со внатрешни монолози и сценски упатства – објаснува Бузалковска.
Текстот на „Арапска ноќ“ е напишан во 2001 година. Поставен е речиси во сите поголеми и поважни театри, одигран е на многу јазици.
– Текстот-партитура за пет лика е игра на жанрови и стилови. Се работи за навистина прекрасна приказна, неверојатно урбана и сензуална, која се движи во необични и сосема неочекувани правци, која во себе ги спојува Истокот и Западот, грубата реалност и надреалното во сонот, тесниот стан и арапската пустина, можноста да се биде заробен во шише со коњак. Таа варира со стереотипите, отворено зборувајќи за нештата што обично не ги изрекуваме гласно, а громогласно ги мислиме. Дејството се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата се претвора во волшебна кула и станува извор на магичен реализам. Елементите на трилер (низа стапици, недоразбирања, бркотници, ненадејни пресврти, убиство, љубовен триаголник – кој можеби и не е тоа) ја градат неизвесноста, а приказната што почнува така што се чини дека секој од ликовите дејствува сам за себе, полека ги пополнува испрекинатите линии и добива тензичност и густина. И покрај големата динамичност, оваа драма води во претстава за осаменоста и за потребата да се преспие сопствениот живот, да се сонува и да се замени реалноста со фикцијата, за да се преживее ноќта. Во нашата „Арапска ноќ“ создадовме нова структура, во која приказната вкрстено ја раскажуваат еден актерски полифонен квинтет и еден музички квартет, градејќи заедно нонет – вели режисерката.
Сценографија и костимите во претставата се на Јулијана Војкова-Најман, драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, музиката е на „Фолтин“, а играат Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Александар Степанулески и Димитар Ѓорѓиевски.