Во издание на Издавачкиот центар „Три“ деновиве излезе од печат романот „Еретички писма“, со поднаслов „Наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ од Стефан Марковски. Промотор на романот е универзитетскиот професор, теоретичар, лингвист и писател проф. д-р Димитар Пандев, а промоцијата е закажана за 4 мај (петок) во 17 часот на штандот на Издавачкиот центар „Три“ .
– Романот „Еретички писма“ со поднаслов „Наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ од Стефан Марковски претставува пресвртнички чин во тековите на новата македонска проза. Тој би можел да биде сведен на Прозонема или роман во една реченица, или пак во Роман-Река што може да ги однесе во духовна поплава сите негови идни читатели заедно со авторот – вели Јордан Плевнеш.
Димитар Пандев ја нагласува потребата на модерната културологија од вакви прозни остварувања во кои на современ начин е реализиран спојот меѓу митологијата, религијата и науката.
„Еретички писма од Марковски е роман што кореспондира со примерните алегории на вонвременската литература, испишан со модерно писмо на јазик што комуницира со современиот читател, што значи, ниту сленгот и жаргонот, независно од нивната провениенција, му се туѓи, ниту античката, па ни схоластичката мисла не му се оптоварување. Напротив, тие функционираат во еден совршен склад што им соодветствува на клучните, парадоксално но можно, имагинарните реалии во романот – шесте бронзени скулптури што би биле посветени на шесте типа љубов, кои во романот се јавуваат во функција на наслови на одделните поглавја: Ерос, Лудус, Сторге, Прагма, Манија и Агапе.“
„Колку и да се понира во длабочината на човековото битисување и колку да се возвишува во недостижно бескрајните сфери на човековото заумување, „Еретички писма“ не е роман надвор од стварноста. Во таа смисла, односите меѓу единките и системот се нивелираат со суптилна нотка на крими-гатките со кои е исполнет овој роман.“
„Еретички писма“ е втор роман на Марковски по нецели десет години од објавувањето на неговата првообјавена книга „Еднонасочно“.
Приказната е структурирана во шест дела во кои вајарот Максимилијан создава бронзени статуи посветени на шесте типови љубов – Ерос, Лудус, Сторге, Прагма, Манија и Агапе, минувајќи низ различни фази од животот, односно сонот и јавето, човечкото и божественото.
Книгата има обем од 214 страници, лектурата е на Виолета Танчева-Златева, а дизајнот на корица е дело на Александар Саздов.