Левото крило на македонската репрезентација со два гола придонесе во победата на Веспрем на гости кај Фленсбург со 28-22 во првиот меч од четврт-финалето на Лигата на шампионите

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков и неговиот тим Веспрем од Унгарија се на чекор до пласман на фајналфор-турнирот во Келн, откако во првиот четвртфинален натпревар од ракометната Лига на шампионите (ЛШ) славеа победа, со 28-22, на гостински терен кај германскиот првак Фленсбург.
По минатогодишната елиминација во осминафиналето од дебитантот Скјерн, унгарскиот вицепрвак Веспрем не си дозволи опуштање, па со играта и со сериозниот пристап најави дека сезонава има намера да се врати во Келн и петти пат да се обиде да стигне до првата европска круна
Доколку Веспрем ја реализира својата амбиција, Германците втора сезона по ред ќе немаат свој претставник на фајналфорот во Келн, а Манасков, по Кирил Лазаров, ќе биде вториот македонски ракометар што со странски клуб ќе игра на најголемата ракометна сцена во Европа, Келн. Лазаров со Барселона во 2015 година ја освои европската титула.

Најголема заслуга за победата на Веспрем има голманот Роланд Миклер (Унгарија), кој со фантастичната серија од седум одбрани од девет шута практично ги откажа германските ракометари од обидот да ја намалат предноста на Унгарците во текот на натпреварот.

Во победата над Фленсбург, левото крило на македонската репрезентација, Манасков, придонесе со два гола. Дури 12 играчи на Веспрем се запишаа во листата на стрелците, а најефикасен во унгарскиот состав беше пикерот Лукас Нилсон (Шведска), со шест реализации.

Нант на Лазаров на свој терен загуби од шпанскиот гигант Барселона, со 25-32. Барселона, исто како и Веспрем, супериорно влезе во натпреварот наметнувајќи офанзивно темпо, за кое француските ракометари немаа сили и решение да го запрат. Лазаров беше стрелец на два гола, а најрасположен во шпанскиот состав беше францускиот репрезентативен пикер Лудовик Фабрегас, кој постигна девет гола од 11 обида.

Синоќа Вардар на свој терен го пречека унгарскиот првак Сегед, а утре во последниот четвртфинален дуел од првото коло, францускиот гигант ПСЖ ќе гостува кај Киелце. Реванш-мечевите се предвидени за 4 и 5 мај. 


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Нант – Барселона 25-32
Фленсбург – Веспрем 22-28
Вардар – Сегед синоќа
Киелце – ПСЖ утре, 18 ч.
реваншите се идната недела