Косовските граѓани поседуваат околу 200.000 парчиња илегално оружје, а досега за легализација на сопственоста биле поднесени само 700 барања. Овие барања биле поднесени во последните четири месеци и од нив околу 300 граѓани добиле согласност за легализација од Министерството за внатрешни работи на Косово, објави РТК.
– Во последните четири месеци, 723 лица ја искористиле можноста и поднесоа барање за легализација, од нив веќе се одобрени 291 барање – изјави Изми Зека, заменик-министер за внатрешни работи.
Кампањата за легализацијата на оружјето, која почната од крајот на минатата година, има цел да им овозможи на граѓаните да поседуваат оружје во согласност со Законот за оружје, кој е усогласен со директивите на ЕУ.
– Од почетокот на примената на овој закон се случија неколку инциденти со оружје. Во повеќето случаи оружјето било илегално, а повеќе од 20 лица се убиени – изјави Зека.
Рокот за поднесување барање за легализација е 17 јуни годинава, а по овој период илегалното оружје ќе биде одземено. Поседувањето нелегално оружје ќе се казнува со парична казна од 7.500 евра и затвор до 10 години.