Одѕивот во првиот круг на Претседателските избори до 17 часот изнесува 35,13 проценти, според пристигнатите информации до Државната изборна комисија (ДИК) од 79,73 проценти од избирачките места на кои досега на гласање излегле 496.784 граѓани.
До 15 часот вкупно гласале 396.252 граѓани што е 28,89 отсто од вкупно евидентираните во Избирачкиот список.
– Доколку би го следел овој тренд на процентуална излезеност, а имајќи предвид дека досега се обработени само 79,73 проценти од избирачките места, доколку се обработени 100 проценти од избирачките места, тоа би значело дека на гласање досега излегле околу 600.000 избирачи, рече на прес-конференција Љупка Гугучевска, портпарол на ДИК.
Со највисока излезеност се општините Крива Паланка со 57,82 процента, Демир Капија со 52,78, Демир Хисар 51,94 проценти, Крушево 50, 64 проценти, Новаци, 53,73 проценти, Прилеп 50,3 проценти, Вевчани 50,93 проценти…
Најниска е излезноста во Пласница, каде до 17 часот излегле 12,04 проценти од гласачите, Центар Жупа 12,67, Липково 13,55, а Желино 13,62.
– Гласањето тече без проблеми. Нови неправилности нема, останува само претходно соопштените. Одбиени се сите десет приговори за лично избирачко право – дополни Гугучевска.