Поранешната пратеничка во Собранието на Република Македонија и прв човек на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева, во пресрет на протестот што треба да се одржи денеска пред македонското собрание, вели дека настанот е организиран од страна на повеќе организации и движења, а клучниот мотив е да се каже стоп на промена на името на Република Македонија и стоп за двојазичноста.
– Протестот се случува паралелно со преговорите за промена на името, кои се одржуваат во Виена, а е поведен под мотото „Република Македонија ерга омнес“. Ова е дел од поширока иницијатива на разни организации. На протестот треба јасно да кажеме дека имаме едно име: Република Македонија. Дополнително, таму ќе има луѓе од различни идеолошки опции, но заедничко ни е што сакаме да си ги одбраниме името и достоинството на македонскиот народ. Затоа, гласно за Македонија – вели Грчева.
Таа вели дека оваа иницијатива е изворно македонско движење на граѓаните на оваа земја и не е поткрепена од влади, амбасади, крупен капитал или каков било вид поддршка. Токму поради тоа, секоја поддршка на граѓаните што стојат зад истите вредности ќе биде од суштинско значење.
Грчева прогнозира дека таа би била задоволна доколку на протестот пристигнат 5.000 луѓе, бидејќи многумина што сакаат да се дел од ова случување не можат да си го дозволат тоа затоа што живеат во другите градови на земјата и зашто што не постои организиран превоз до главниот град.
– Главната порака на протестот е „Република Македонија ерга омнес“ и спречување какво било менување на македонскиот идентитет и менување на Уставот на земјата. Во делот на промената на Уставот остро реагираме, бидејќи тој иако сега временски не би бил променет, тоа би можело да се случи во иднина, а сето би претставувало темпирана бомба против нашата држава и народ – вели Грчева.
Таа истакнува дека оние што ќе протестираат денеска ги заплашува и фактот дека развојот на преговорите за името може да доведе и до ситуација во која во иднина ќе се бара од оние земји што веќе нѐ признале под Република Македонија да го променат својот став