Делови од јужна Босна и Херцеговина и Хрватска, како и Црна Гора и Косово минатата ноќ беа зафетени од силен ветер, што дуваше со брзина и до сто километри на час, предизвикувајќи значителни материјални штети.
Едно лице е повредено во босанскиот град Мостар, кога врз возилото со кое патувал паднало дрво откорнато од силниот ветер. Повредениот маж е пренесен во мостарската Универзитетска болница и е вон животна опасност.
Силниот ветер корнел и туркал дрва и столбови во повеќе делови на Херцеговина, предизвикувајќи блокади на патиштата и проблеми во сообраќајот и оштетувајќи повеќе возила и фасади на објектите, а превртел и еден камион.
Локалните власти на Требиње информираа дека силниот ветер речиси целосно го уништил градскиот парк во овој град на југот на БиХ, а биле однесени и покривните конструкции на повеќе куќи и згради.
Силниот ветер беше причина избувнување на неколку пожари во хрватскиот реон на Далмација, во близина на Сплит, Макарска, Солин и Задар.
Само во реонот на Макарска биле регистрирани четири пожари, а утрово околу 5 часот, пожар избувнал и во близина на Солин, каде огнената стихија зафатила борова шума.
Во близина на Сплит пожар избувна синоќа околу 23 часот во месноста Брда, каде огнот зафатил трева и нискостеблеста шума. Пожарот бил изгаснат во текот на ноќта, а при гаснењето полсено е повреден еден пожарникар.
Помали пожари избувнале и кај местата Нин и Вргорац, во близината на Задар.
Во црногорскиот град Бар пак, силниот ветер урнал скеле поставено за реновирање на еден хотел, но при тоа никој не е повреден.
Црногорските метеоролози информираат дека силниот ветер донел невообичаено студено време за крајбрежните делови на Црна Гора за овој период од годината.
Силниот ветер предизвикал поголеми материјални штети и во косовскиот главен град Приштина.
Ветрот предизвика кинење на кабли на далеководи, поради што неколку косовски села се без електрична енергија.