Црна Река веќе половина век тече во исчекување на двата проекти Фото: Игор Бансколиев

Во наредните неколку недели се очекува тим од ИФЦ да ја посети нашата земја и, се очекува, тогаш да бидат утврдени повеќе детали за тендерот за реализација на јавно-приватно партнерство за хидроцентралата „Чебрен“

Хидроцентралата „Чебрен“ најверојатно ќе ја види светлоста на денот, но за Галиште изгледите за изградба се намалуваат. Долгонајавуваните енергетски проекти, кои треба да се изградат на Црна Река, се посакуван проект во македонскиот енергетски сектор, но реализацијата никако да започне.
– Проектот за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште датира од седумдесеттите години на минатиот век, и иако беа објавувани неколку тендери за изградба, истите тие завршија неуспешно. Постоеше размислување во Владата за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ од страна на ЕЛЕМ, но висината на инвестицијата за изградба на голема хидроцентрала „Чебрен“ е проценета на 600 до 800 милиони евра. Средствата за реализација, во оваа варијанта, требаше да се обезбедат со државна гаранција што значително ќе влијае на зголемувањето на јавниот долг на државата – вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев. 

Но интенцијата на Владата не е да се зголемува јавниот долг за проекти што се исплатливи и за приватни инвеститори, поради што преминале на идејата „Чебрен“ да се реализира преку јавно-приватно партнерство, каде што ЕЛЕМ би бил јавниот партнер, а приватниот би се барал на јавен меѓународен тендер.

– Интерес за реализација на овој проект веќе постои од реномирани енергетски компании, кои гледаат дека регионот се развива во енергетскиот сектор и се интегрира во еден енергетски пазар – истакна Анѓушев.

Според последните пресметки, направени за хидроцентралата „Галиште“, како што објаснува вицепремиерот, проектот е неисплатлив, бидејќи условите за енергетскиот пазар се променети, односно поради доближување на вредноста на скапата и евтината тарифа.

Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), која е дел од групацијата на Светска банка, била вклучена во процесот на тендерирање и анимација на странски инвеститори во минатото. Поради тоа вицепремиерот Анѓушев имал средба со регионалниот директор на ИФЦ и со дел од тимот, кој бил вклучен во проектот ХЕЦ „Чебрен“, за повторно нивно вклучување во реализацијата на проектот.

– Заклучокот од средбата со ИФЦ е дека донесувањето на новиот закон за енергетика, кој е усогласен со третиот пакет на ЕУ-директивите, како и поради решавањето на проблемот за името и придвижувањето на земјата кон членство во НАТО и во ЕУ, создадена е позитивна клима за учество на реномираните европски енергетски компании во овој проект – појаснуваат од Владата.

Во наредните недели се очекува тим од ИФЦ да ја посети нашата земја за да се утврдат детали за тендерот за јавно-приватно партнерство. Во период од неколку месеци ќе се досредат техничките детали меѓу Владата и ИФЦ за нивен ангажман како финансиски советодавен консултант. ИФЦ ќе изработи нов финансиски модел со новите состојби и цени на пазарот на електрична енергија за да се добие реална слика за инвеститорите во однос на исплатливоста на проектот.

– Нема да се изработуваат нови студии во однос на техничките детали за хидроцентралата „Чебрен“ бидејќи ги има многу. Очекуваме во тендерската постапка да има простор за флексибилност во поглед на техничките карактеристики, односно самите инвеститори да направат оптимизација и да го понудат најповолното решение. Владата во тендерската документација ќе утврди референтни вредности за техничките карактеристики врз основа на претходните студии, за да се испочитуваат и другите аспекти и поволности од овој проект, како што се наводнување, снабдување со вода, заштита од поплави и друго – појаснуваат надлежните.

Производството на електрична енергија зависи од техничките карактеристики на браната како висината, инсталираниот капацитет, режимот на работа, дали ќе биде реверзибилна или не. Се проценува дека производството на електрична енергија од „Чебрен“, би се движело во границите од 870 до 1.140 гигават-часа.

– Изградбата на „Чебрен“, во согласност со претходните студии, се проценува на 7-8 години, а поврат на инвестицијата за период од 25 до 30 години. Во минатото изградбата на оваа електроцентрала се поврзувала со изградбата на нуклеарна централа во Мариово, но во овој момент изградбата на „Чебрен“ е проект што е анализиран сам од себе, односно со оптимизација на работата заедно со постојната ХЕЦ „Тиквеш“ и евентуална изградба во иднина на ХЕЦ „Галиште“, се разбира доколку постои економска исплатливост за истата таа – додаваат од кабинетот на Анѓушев.
Во фаза на изработка е и стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, со техничка помош од Владата на Обединетото Кралство. Таа ќе има насоки во кој правец ќе се движи енергетскиот сектор во иднина имајќи ги предвид обврските од енергетските директиви, кој се однесуваат на климата, заштита на животната средина и кои произлегуваат од договорот за основање на енергетската заедница.

– Изградбата на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ претставува високоинвестициски проект и најголем проблем за реализација на енергетски инфраструктурни објекти е да се обезбедат средствата – вели професорот Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Тој потсетува дека досега за овие објекти имало заинтересирани субјекти како домашни, така и странски.

– Пазарот на електрична енергија е динамичен со крајно ниски цени во пролетните периоди, па економските и финансиските анализи даваат негативни показатели. Ваквите објекти мора да се разгледуваат како стратегиски инфраструктурни национални капацитети со повеќенаменски бенефиции, како наводнување, водоснабдување, туризам, рекреација – додава Чаушевски.


Повеќекратен придонес

Професор Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии вели дека придонесот на „Чебрен“ и на „Галиште“ во електроенергетскиот систем на Македонија би изнесувал околу 400 милиони киловат-часови електрична енергија годишно.
– Тие би учествувале со 5 отсто од денешните потреби за електрична енергија, но нивниот придонес е позначаен како вршна енергија, која може да се пласира во периоди на висока тарифа. Уште поголема корист може да се добие од нив како капацитети со висока инсталирана моќност, кои би ги компензирале брзите варијации и непредвидливоста на обновливите извори на енергија од фотоволтации и ветерни паркови – појаснува професорот.