Познатиот режисер Вељко Булајиќ, кој неодамна почина на 97-годишна возраст, зад себе остави голем број класици на југословенската кинематографија, меѓу кои секако најпознат е партизанскиот филм „Битката на Неретва“.
„Битката на Неретва“ е снимен според вистинските настани од Втората светска војна и ги следи настаните од почетокот на 1943 година. Германската војска, со поддршка на италијанските, четничките и усташките сили, по лична наредба на Хитлер, започнала со спроведување на операцијата „Вајс“, чија цел била уништување на партизанските единици во југословенските планини. Одлучувачката битка се случила во долината на Неретва, каде што партизаните се нашле опколени, а единствен излез им бил мостот на реката. Меѓутоа, партизанскиот Врховен штаб одлучил да го урне мостот како дел од лукава измама.

Пикасо побарал само кутија од најдобрите југословенски вина

Филмот своевремено беше најголемата европска продукција по бројот на актери, статисти и вложени средства, а беше номиниран и за „оскар“ во категоријата за најдобар странски филм, но златната статуетка во 1970 година ја доби филмот „З“ во режија на Коста Гаврас.
„Битката на Неретва“ ги собра најголемите ѕвезди на југословенската кинематографија (Бата Живоиновиќ, Борис Дворник, Милена Дравиќ, Љубиша Самарџиќ…) и особено импресивна листа на странски актери (Харди Кригер, Сергеј Бондарчук, Франко Неро, Силва Кошќина, Јул Бринер, Курд Јиргенс, Орсон Велс, Олег Видов).
За англиското говорно подрачје, музиката ја компонираше славниот Бернард Херман, а еден од постерите за филмот го направи Пабло Пикасо, што е само еден од двата филмски постера што ги направил во животот. Тој го направил тоа затоа што бил љубител на југословенски филмови и, според луѓето вклучени во продукцијата, не барал пари за плакатот – побарал само кутија од најдобрите југословенски вина.

Неверојатен број статисти, повеќе од 10 илјади

Филмот имал спектакуларна премиера во салата „Скендерија“ во Сараево на 29 ноември 1969 година, а на премиерата биле југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, Софија Лорен и Омар Шариф.
Режисерот Булајиќ никогаш не откри колку чинел филмот, а проценува дека се потрошени меѓу 4,5 и 12 милиони долари, што денес би изнесувало околу 85 милиони американски долари. Филмот се снимал 18 месеци, а бил спонзориран од 58 комерцијални компании.
Интересно е што Бата Живоиновиќ и Љубиша Самарџиќ биле баснословно платени, додека Борис Дворник не добил ништо бидејќи во тоа време служел воен рок. Покрај голем број познати актери, „Битката на Неретва“ имал и неверојатен број статисти, повеќе од 10 илјади. Во филмот имало само 10.000 војници на ЈНА, што е импресивно.
Филмот е рангиран меѓу историските спектакли веднаш зад „Спартак“ на Кјубрик во однос на потрошените средства и бројот на статисти. Филмот во СФРЈ го гледале повеќе од четири милиони луѓе, а во целиот свет имал повеќе од 350 милиони гледачи.