Песни што ме тераат да играм
Групата „Звијезде“ е митската југословенска, хрватска група, која ја има во сите народни преданија. Тие израснаа во новиот бран во 1980-тите. Музичарите, критичарите и публиката создадоа култ од нив, секогаш по квалитет во првата југословенска рок-лига, но неверојатно потценета група, а требаше да бидат препознаени најмалку на нивото на „Филм“ и на „Психомодо поп“. А таквата енергија, острите секојдневни текстови со уличен сленг, неверојатниот глас на вокалот, лидер и основач на групата (Ренато Метеси), како и начинот на кој го живееја својот живот, создадоа голем број почитувачи.
Таа е оној тип на група што ја сакаш само за себе, не даваш никој друг да ја открие, дури и се радуваш дека не ја знаат другите, љубоморно ја криеш само за себе. На почетокот на 1980-тите имаше една група што се викаше „Патрола“ од Загреб, толку беше добра и квалитетна што за издавачката куќа „Сузи“ го издаде неверојатно добриот албум „У средини“, со најмалку три хита на него. Тоа беше поп-рок ориентиран бенд. Но суровоста, жестокоста што ја поседуваше Ренато не доаѓаше до израз. Од друга страна, вараждинската група „Даска бенд“ негуваше некој ска-панк-рок правец (дури во тоа време издаде и многу квалитетен сингл).
На некоја свирка се сретнуваат овие два бенда и од две групи се создава една под името „Звијезде“. И тука почнува приказната за нив. Работат на свои материјали, свират во клубови. Во почетокот на 1980-тите го издаваат култниот албум „Имитација живота“, во продукција на Пико Станчиќ. Енергија, енергија и само енергија, а нивните свирки се приказна за себе. Свиреа и во Скопје некаде во 1982-1983 година. Секоја песна е хит, а ударна е „Који филм сада вртиш у глави“. Долги години оваа плоча не се симнуваше од мојата Тоска. Но одзив од поширока публика немаше. Во 1982 г. е издаден албумот „Мјесто под сунцем“, во 1984 г. „Правоверни плесачи“, а во 1986 г. албумот „Лицем према небу“. Фамозни, вистински сурови рокерски албуми. Всушност за Ренато од „Звијезде“, Баре од „Мајке“ и Велибор од „Тони Монтано бенд“ може да се каже дека се единствените исконски рокери што израснаа од корените на бескомпромисниот блуз и рок и тоа го преточија во своите дела. Живееја вистински рокерски живот.
Бидејќи отсуствуваше комерцијален успех, членовите од „Звијезде“ си заминаа од групата и на крајот остана само Ренато. Тој продолжи да издава плочи под името „Ренато и Звијезде“. Во 2016 г. го издава албумот „Људи од сламе“. Со појавувањето на хрватскиот документарен филм посветен на југословенската сцена, младите генерации се запознаваат со бендот, а старите се потсетуваат на нив и нивните хитови, како „Фетишиста“, „Надолазе реке“, „Никол“, Правовјерни плесачи“, „Народна“ и др. Ренато сѐ уште живурка, дури и се зборуваше дека се договорил со оригиналните членови на „Звијезде“ да се реоформат. Да се надеваме дека Ренато има уште многу нешта да каже и да ги преточи во нови жестоки рок-изданија.
Љупчо Давчев