Негативните здравствени последици поврзани со стакленички гасови, загадувачи на воздухот и токсични хемикалии што произлегуваат од производството и употребата на пластика низ целиот свет би можеле да се удвојат до 2040 година, открива истражување, објави во вторникот германската новинска агенција ДПА.
Последиците вклучуваат респираторни заболувања, рак и други сериозни болести
Истражувањето ги идентификуваше негативните здравствени последици поврзани со секоја фаза од животниот циклус на пластиката: од екстракцијата на фосилни горива и производството на материјалот до неговото отстранување во животната средина.
Последиците вклучуваат респираторни заболувања, рак, здравствени ефекти поврзани со глобалното затоплување и други сериозни болести.
Тим истражувачи предводени од научници од Универзитетот ЛСХТМ во Лондон и Универзитетите во Тулуз и Ексетер користеа моделирање за да споредат неколку различни сценарија за идно производство, потрошувачка и управување со отпад од пластика помеѓу 2016 и 2040 година.
Доколку не се промени нешто, нивните наоди сугерираат дека негативните здравствени ефекти од пластиката би можеле да се удвојат. Емисиите на стакленички гасови и поврзаното глобално затоплување би сочинувале 40 проценти од тие здравствени проблеми, според моделирањето.
Загадување на воздухот и намалена достапност на вода
Загадувањето на воздухот, главно поради процесот на производство на пластика, би сочинувало 32 проценти, а ефектот од токсичните хемикалии испуштени во животната средина би сочинувал 27 проценти. Помалку од еден процент би се однесувало на намалена достапност на вода, ефекти врз озонската обвивка и зголемено јонизирачко зрачење.
Прва студија од ваков вид што го проценува бројот на години здрав живот
Истражувачите велат дека ова е прва студија од ваков вид што го проценува бројот на години здрав живот изгубени поради пластика во светот. Без промена на сегашниот систем, годишните здравствени последици би можеле да го зголемат бројот на изгубени години од 2,1 милиони во 2016 година на 4,5 милиони во 2040 година, односно повеќе од двојно.
Преземањето чекори за зголемување на собирањето пластичен отпад или рециклирањето, според истражувањето, нема да има големи ефекти врз намалувањето на здравствените проблеми низ целиот свет.
Сепак, моделирањето покажа дека комбинацијата од мерки во сеопфатна системска промена, што би вклучувало и ограничување на производството, би можела да ги намали здравствените проблеми предизвикани од пластика за 43 проценти во 2040 година во споредба со ситуација во која ништо не би се променило.
– Вината често се префрла на нас како индивидуални потрошувачи на пластика ако не го решиме проблемот, но иако сите имаме важна улога во намалувањето на употребата на пластика, нашата анализа покажува дека е потребна систематска промена „од лулка до гроб“ во производството, употребата и отстранувањето на пластиката – рече Меган Дини, авторка на студијата.
































