Додека повеќето луѓе ја поврзуваат археологијата со праисториски остатоци и вредни артефакти, група научници го започнаа првиот археолошки проект на Меѓународната вселенска станица, односно во вселената.
Станува збор за прв проект од ваков вид во вселенската средина, а целта е да се утврди како луѓето го приспособуваат своето однесување во вселената. Досега, астронаутката на НАСА, Кристина Кох, помина најдолго време на станицата. Таа помина 328 дена во вселената и се врати на Земјата минатата година.
Сакаме да се обидеме да разбереме како се однесуваат луѓето спрема предметите и својата околина кога живеат во вселената, како го приспособуваат своето однесување на сосема поинаква средина – вели професорот Џастин Волш од универзитетот „Чепмен“ во Калифорнија, кој е еден од водачите на истражувањето.
Археолошкиот проект на Меѓународната вселенска станица (ИССАП) започна неодамна со првиот истражувачки експеримент, кој има цел да изгради еквивалент на пробна јама во вселената. На Земјата, археолозите ископуваат пробна јама од еден квадратен метар за подобро да ја „запознаат“ локацијата што ја истражуваат и да ги планираат следните чекори од нивното истражување.
Наместо да копа, тимот на ИССАП ќе користи леплива лента за да го изолира просторот од еден метар на Меѓународната вселенска станица. Истражувањето ќе се спроведува со дневно фотографирање во период од 60 дена и ќе покаже како се користат различни простори.