Хирурзите во САД неодамна пресадија срце од генетски модифицирана свиња на човек, што претставува чекор напред во повеќедецениската потрага по користење животински органи за трансплантации што спасуваат животи.
Дејвид Бенет (57) од Мериленд стана првиот кому му беше извршена успешна трансплантација на срце од свиња. Операцијата траела девет часа, при што Бенет добил срце од генетски модифицирана свиња, која била подложена на 10 модификации. Научниците ѝ деактивирале четири гени, вклучувајќи го и оној што ги кодира молекулите што предизвикуваат отфрлање на органите. Исто така, го деактивирале генот за раст за да спречат срцето на свињата да продолжи да расте по трансплантацијата.
Една од клучните причини зошто човечкиот имунолошки систем ги отфрла свинските органи лежи во гените одговорни за производство на ензимот наречен алфа-гал. Бидејќи нормалното свинско ткиво содржи активни алфа-гал ензими, антителата во човечкиот имунолошки систем го толкуваат трансплантираното ткиво како закана и предизвикуваат агресивен одговор на отфрлање.
Свинската ДНК е генетски модифицирана за да се елиминира молекулот алфа-гал од ембрионите на клонираните свињи. Шест човечки гени ѝ се додаваат на свинската ДНК за да се спречи коагулација на крвта во срцето, да се подобри молекуларната компатибилност и да се намали ризикот од отфрлање.
– Едногодишното прасе што му го даде срцето на Бенет тежеше околу 109 килограми; стандардно машко прасе на иста возраст може да тежи повеќе од 200 килограми – рече Дејвид Ајарес, извршен потпретседател и главен научен директор на „Рививикор“.