По изглед, овие животни не се разликуваат од обичните, но всушност нивните копии се направени во Кина. Само четири компании во светот се занимаваат со комерцијално клонирање, а една од нив е кинеската „Сајноџин“.
Во ѕидовите на лабораторијата, мачките, кучињата, па дури и коњите го започнуваат својот живот во Петриев сад. Научниците одгледуваат клетки чија ДНК 100 проценти се совпаѓа со прототипот и потоа ги пренесуваат во сурогат мајка што носи ембрион. Идните клонирани мачиња обично ги носи мачка, а кученцата кучка, иако тоа не мора да биде случај.
Во Кина експериментите со животни не се толку остро критикувани како во Европа, а побарувачката за клонирани миленици расте, особено за време на карантинот, пишува „Еуроњуз“.
– Разликата со Европа, САД и Јапонија е сè уште огромна. Кина има повеќе од милијарда луѓе и само 100 милиони домашни миленици. Гледам голема побарувачка за нив, особено за мачките. Мислам дека тоа е поради пандемијата – рече извршниот директор на компанијата „Сајноџин“, Ми Џидонг.
„Сајноџин“ бара околу 35.000 евра за клонирање мачка. Клонирањето куче е поскапо, чини повеќе од 50 илјади. Меѓутоа, компанијата не е заинтересирана само за домашни миленици. Во септември 2022 година, кинеските научници беа првите во светот што клонираа загрозен арктички вид волк. Неговите соматски клетки биле земени од кожата на волчицата Маја, која живее во националниот парк Харбин, а ембрионот го носело куче од расата бигл. Компанијата сега планира да клонира панди и тигри.