Елена Андоновска промовираше нова народна песна со видео запис во чест на 120 годишнината од Илинденското востание. Ден пред големиот Македонски празник Илинден Елена на својот youtube канал најави премиера за песната „Тапан чука мила мамо“. Станува збор за народна песна која доби нов музички аранжман овој пат во соработка со Златко Миладиноски.
Песната се снимаше во музичкото студио Подрумот во музичка продукција на Ангел Ќосев. Како музички соработници ги слушаме Илија Филиповски – виолина, Даниел Маневски – кавал, Златко Миладиноски – тамбура, Андреј Трајковски – зурла, Марјан Андоновски – ударни инструменти, Горан Гешовски – бас гитара, Томислав Димовски – електрична гитара.
Видео записот е во реализаија на MOONLIGHT Production. Како продуцент и сценарист се потпишува Марјан Андоновски, режисер – Димитар Сеизов, Директор на фотографија – Дарко Елек.
Во улога на мајка ја гледаме Лилјана Михајловска, првенка на Ансамблот Танец која пензионерските денови ги поминува активно и креативно со голема љубов кон уметноста и македонската култура.
Голема благодарност за соработката Елена упатува на Универзитетскиот ансамбл при УГД – Штип, Ансамбл МАКЕДОНИЈА а воедно и кон Проф. Д-р Владимир Јаневски за уметничката соработка во делот на народната носија.
Елена и овојпат совршено го долови спојот на современото и традиционалното па покрај градскиот фустан со кој ја претстави модата на почетоците на XX век, Елена ја гледаме и во уникатна модна креација од модната куќа Елена Лука. Ова не е нивна прва соработка а мора да признаеме дека оваа модна креација која потсетува на раскошот на жените од митологијата совршено се вклопува во целата видео приказна.
Елена вели дека љубовта кон Македонија и Македонската народна песна ја води низ кариерата и успесите. Овој проект е посветен на целиот Македонски народ кој го слави Илинден. Уживајте во звукот на „Тапан чука мила мамо“ и во видео приказната кои влеваат надеж дека македонската народна музика секогаш е во тренд…