Научниците од Универзитетот во Алберта развија облека што може да ги убие вирусите и бактериите со кои доаѓа во контакт. Облеката е наменета за пожарникари и полицајци, а е изработена од ткаенина што сама се деконтаминира. Овој материјал би можел да има и поширока употреба за сите видови униформи.
– Сакаме да ја направиме оваа технологија ефикасна и компатибилна со производствените процеси во индустриски размери, а тоа е многу голем предизвик – рече научничката Патриција Долез, која е експертка за текстил на Факултетот за земјоделство, наука за животот и животната средина.
Проектот е фокусиран на подобрување на краткорочните и долгорочните перформанси на завршната обработка на ткаенината истражуван од Долез и нејзините колеги Џејмс Харинук и Џејн Батчелер. Целта е големото индустриско производство да биде економски изводливо. Работата беше поддржана со програма од милион долари од Министерството за национална одбрана. Во процесот на доработка се користат N-халамини, соединенија што можат брзо и ефикасно да ги убијат бактериите и вирусите и лесно да се применат на текстилот. Соединението е погодно за сите заштитни униформи, може да ги носат сите, од војници и пожарникари до медицински работници.
– Ова решение може да се користи за сета заштитна облека, па дури и за маски за лице, што е дополнителен начин за заштита на оние што се грижат за нас – рече Долез.
Системот за полнење потребен за повторно активирање на завршната обработка нанесена на текстилот е исто така во развој. Овој систем вклучува натопување на облеката во раствори што содржат хлор, како што е белилото.
Бидејќи војниците на терен немаат секогаш пристап до проточна вода или машини за перење, потребен е лесен начин за заштита на нивната облека ако се наоѓаат на оддалечени локации.
– Сакаме да развиеме систем со минимален отпечаток, кој не е кабаст и тежок и е лесен за употреба. Тоа може да биде прашок или течност – додаде таа.
Истражувачите се здружија со канадската компанија „Лоџистик јуникорп инк“, која управува со синџири на снабдување за низа корпоративни и владини клиенти низ светот што користат заштитна облека. Нивната цел е да ја приспособат технологијата на потребите на оние што први излегуваат на терен.
– Тие се консултираат со своите клиенти, што дава сеопфатен поглед на нашето истражување што не е ограничено на една текстилна технологија или примена. Ова ќе ни помогне да го најдеме најдобриот производствен процес за нашето решение – вели Долез.
Во мај 2020 година, истражувачите од најмалку два универзитета тврдеа дека користеле технологија за „електрична“ маска што може да го неутрализира коронавирусот. Тие демонстрираа „електрична ткаенина“ што всушност го убива коронавирусот при контакт.