Одри Азуле, генерална директорка на УНЕСКО, повика на глобален дијалог за да се најде начин да се регулираат активностите на компаниите, сопствениците на социјалните мрежи и да се ограничи нивната улога во ширењето дезинформации.
Азуле зборуваше на меѓународен собир на парламентарци, новинари и граѓански активисти за регулирање на социјалните мрежи, како што е Твитер, за да се направи интернетот побезбеден и информациите да бидат засновани на факти.
Дводневната конференција се обидува да постави насоки што ќе им помогнат на регулаторните тела, владите и компаниите да се справат со содржината што ги поткопува демократијата и човековите права, истовремено зачувувајќи ја слободата на изразување и зајакнување на пристапот до точни и веродостојни информации.
Азуле рече дека глобалниот дијалог треба да резултира со правни средства и принципи на одговорност за компаниите сопственици на социјалните мрежи да дејствуваат за јавното добро.
– Тоа би ги намалило ризиците што ги гледаме, а со кои живееме денес, со дезинформации и теории на заговор што се шират побрзо од вистината – рече таа.
Минатата година, Европската Унија донесе регулатива со која ќе ги принуди големите технолошки компании како „Гугл“ и „Мета“ да ги регулираат своите платформи построго, со цел да ги заштитат корисниците во Европа од говор на омраза, дезинформации и штетна содржина. Регулативата за дигитални услуги е еден од трите главни европски закони насочени кон технолошката индустрија.