Непромислениот гест на македонската евровизиска претставничка Андреа Коевска, која изминатиот викенд го фрли на земја државното знаме, за време на фотографирањето во Торино, на извесен начин се вклопи во тврдењата на медиумите оти овогодинешното издание на „Евровизија“ ќе биде најконтроверзното досега во историјата на континенталното музичко натпреварување.
Иако тврдат дека „Евровизија“ е аполитична, организаторите беа принудени да ја дисквалификуваат Русија поради војната во Украина. Белорусија исто така беше исфрлена, а таквите одлуки ја положија основата за политички махинации во внатрешноста на таканаречената аполитична музичка машинерија, пишува „Сиднеј морнинг хералд“, додавајќи дека организаторот на тој начин заземал улога на политички арбитер, односно оти е „уште пострашно што ЕБУ ги казнува учесниците поради постапките на нивните политички лидери“.
Ниту еден аспект од случувањата на „Евровизија“ не треба да биде изненадувачки, според д-р Кетрин Бејкер, експертка за историјата во периодот по Студената војна, меѓународни односи и културолошки студии на универзитетот Хал во Обединетото Кралство.
– Геополитиката е во ДНК-та на натпреварувањето на „Евровизија“. Она што можеби сега е различно, веројатно е прифаќањето дека „Евровизија“ понекогаш не може да ја избегне улогата на геополитички актер… преку самиот факт што државите се вклучени во јавна и културолошка дипломатија – истакнува Бејкер.
Историјата на „Евровизија“ е исполнета со политички тензии, како помеѓу Грција и Турција во 70-те години и преку сириските знамиња веени на бината од страна на претставниците на Израел во 2000 година. Организаторите ја осудија постапката на ерменската учесничка Ивета Мукучијан поради истакнување на знамето на регионот Нагорно-Карабах во текот на натпреварувањето во 2016 година. Организаторите своевремено ја одбија грузиската песна бидејќи го спомнуваше рускиот претседател Владимир Путин, а и наложија и на Украина да ги смени стиховите бидејќи нејзината нумера директно ја спомнуваше „Портокаловата револуција“ што се случуваше во периодот помеѓу 2004 и 2005 година.
Експертот за музичкото натпреварување, Пол Џордан, познат под прекарот „Доктор Евровизија“, вели дека судбината на манифестацијата е поврзана со геополитичките состојби во Европа.
– Мислам дека политичкиот елемент понекогаш е пренагласен. Луѓето често мислат на „Евровизија“ како на обид за обединување на Европа по војната, но тоа е всушност нуспроизвод. Никогаш не беше првичната цел на натпреварувањето. Но, како и секој меѓународен настан, без разлика дали се Олимписките игри или Светското првенство во фудбал, политиката секогаш е присутна – смета Џордан.
Андреа се извини за фрлањето на македонското знаме, додека Македонската Радио Телевизија (МРТ) се уште ја разгледува можноста за нејзино повлекување од „Евровизија“. Предвидено е Андреа да ја претставува Македонија со песната „Circles“ на втората полуфинална вечер од „Евровизија“, в четврток во Торино.