Елена Андоновска, пејачка на народни песни
Последните неколку години се многу успешни за пејачката на народни песни Елена Андоновска. Неодамна таа освои три награди на „Валандово фолкфест“, каде што со песната „Ни седум неба, ни седум гори“ освои второ место, награда за најдобар аранжман и онаа најважната за пејачите, за најдобра интерпретација. Нејзиниот глас го слушаме и во насловната песна „Бистра вода“ на истоимената ТВ-серија, а освен на настапите, со националниот ансамбл „Танец“, каде што работи како вокалистка, и со групата „Седенка“, во која членува, можеме да ја видиме и во многу телевизиски музички емисии. Елена ја нарекуваат и наследничка на Васка Илиева, на што е особено горда, но сепак најголема желба ѝ е да изгради свој препознатлив стил.
Колку ви значат наградите и дали фестивалските настапи се важни за пејачите и за авторите како места за промоција?
– Изминативе години работам со голем интензитет и веќе го чувствувам резултатот на работата и сиот вложен труд. Наградите, особено на валандовскиот фестивал, кој според мене е фестивал со високо реноме и критериуми, се од голема важност. Наградата за најдобра интерпретација „Никола Бадев“ ја добивам по вторпат, но, секако, за да се добие ваква награда, покрај соодветна интерпретација, потребна е и соодветна песна што ќе го истакне вокалниот капацитет на еден интерпретатор. Фестивали треба да постојат, и тоа песните да се интерпретираат во живо. Тоа е најдобриот начин да се испромовира една песна и да се претстави пред публиката со целосна емоција и енергија.
Ја испеавте насловната песна на ТВ-серијата „Бистра вода“. И овој пат вашиот глас звучи прекрасно и уникатно. Како дојде до таа соработка?
– Се радувам што сум дел од телевизиската серија „Бистра вода“ и целиот тим на врвни професионалци актери и создаватели. Мојата изведба на песната „Да сум бистра вода“ гледачите имаа можност досега да ја слушнат неколкупати, и тоа во многу емотивни сцени од серијалот. Честопати добивам прашања дали мојот вокал е на најавната тема. Во филмот сме три интерпретаторки на истата песна, па гледачите ќе треба малку да се потрудат да ја препознаат мојата изведба на „Да сум бистра вода“.
Вашиот сопруг Марјан е и ваш колега во националниот ансамбл „Танец“, но и во групата „Седенка“. Колку е тоа важно за ваше подобро разбирање и дополнување?
– Се познаваме дваесет години и заедно се градевме и развивавме како сценски уметници. Се дополнуваме на секој можен начин, си ги знаеме силните и послабите страни, па во одредени ситуации си даваме предност некој да доминира во областа што подобро ја владее. Марјан одлично ја познава сценската работа, ги изработи сценаријата и режијата на досегашните видеозаписи. Тој е креатор на поголемиот дел од двата албума што ги снимивме изминатиов период. Неговата внимателност и прецизност во работата, советите што ми ги дава и поддршката се бесценети.
Досега имате снимено два музички албума, работите и на нов материјал, планирате ли средба со својата публика наскоро?
– Кон крајот на годината планирам солистички концерт, бидејќи сметам дека публиката, но и мојот музички материјал, го заслужува тоа. Двата албума беа изработени со голема љубов кон македонската музика и не застанувам тука, секако дека работам на нов музички проект што наскоро ќе го промовирам.
Што е она што го карактеризира вашето пеење, вашата специфика?
– Како долгогодишна изведувачка на македонски народни песни, сиве години се трудам да го одржам македонскиот стил на пеење. За жал, премногу ни се наметнаа стилови од соседните земји, па веќе речиси и во нашите песни не се препознава македонскиот стил. Мелизмите, украсите и самиот пристап на одмереност наместо кич и пренагласеност се основните моменти на кои најмногу внимавам. Долги години истражував на оваа тема, следејќи и проучувајќи го стилот на пеење на нашите доајени на македонската народна песна, но и на оние што сѐ уште ја одржуваат вокалната традиција во Македонија и се наоѓаат на самиот терен. Сево ова бара голема посветеност, внимателен пристап и пред сѐ почит кон она што значи наше македонско духовно нематеријално наследство.
Јавноста првпат ве запозна кога во „Танец“ ја испеавте „Земјо македонска“ од репертоарот на легендарната Васка Илиева, ви годи ли споредбата?
– Честопати слушам за себе дека сум наследничка на Васка Илиева или пак новата Васка, младата Васка, секако дека ми годи, бидејќи Васка Илиева несомнено претставува бренд кога станува збор за македонската народна песна како интерпретаторка на многу народни песни, но и многу песни зад кои таа е потпишана како авторка. На моите музички албуми се забележани повеќе песни за кои добив согласност од нејзините наследници да ги препеам во нов музички аранжман. Вториот албум „Запеало славеј пиле“ е насловен според песната што таа самата ја пишувала и истовремено плачела, како што ми раскажуваше нејзината внука Душка Бангиева
Ве интересира и етнокореографијата, кажете ни нешто повеќе за тоа?
– Дипломските студии ги завршив на Факултетот за етнокореологија во Штип, а во моментов сум на постдипломски студии и работам на една многу интересна тема поврзана со народното пеење и етнокореологијата. Всушност, предмет на моите истражувања изминативе години е нематеријалното културно наследство на Македонија искажано преку народната песна и игра, како едни од најважните елементи карактеристични за традиционалната култура на македонскиот народ. Зашто етнокореологија? Моето искуство, педагошко и сценско, вели дека кога еден пејач умее и да „игра“ и да ја освои сцената со движење, тогаш производот е комплетен, бидејќи песната и играта се неразделни.