Бројот на ѕвезди што може да се видат драстично се намали во последните десет години. Причина за тоа е она што на англиски се нарекува скајглоу, или осветлување на небото во текот на ноќта поради осветлувањето во градовите чија светлина е насочена нагоре или се рефлектира на земјата.
Скајглоу станува посилен од 2011 година, а Кристофер Киба, научник од германскиот истражувачки центар за геонауки во Потсдам, предупредува дека ѕвездите стануваат сѐ помалку видливи. Киба и неговите колеги спроведоа истражување за овој проблем, а резултатите од истражувањето беа објавени во научното списание „Сајенс“.

Светлосно загадување

Дека ѕвездите сѐ потешко се забележуваат е заклучокот и на астрономите аматери и на „граѓаните-научници“ што беа вклучени во 12-годишниот проект „Глоуб ет најт“, кој вклучуваше броење на ѕвездите. Тие објавија дека промената на видливоста е речиси еднаква на 10 отсто годишно зголемување на светлината од вештачки извори.
Според научниците, тоа значи дека дете родено во област од која се гледале 250 ѕвезди, 18 години подоцна видело веројатно помалку од 100 ѕвезди.
Научниците Фабио Фалчи и Салвадор Бара исто така го истражуваа светлосното загадување.
– Гледајќи фотографии и видеа од Земјата направени ноќе од Меѓународната вселенска станица, луѓето генерално ги погодува „убавината“ на градските светла, како да се светилки на новогодишна елка. Тие не го доживуваат тоа како загадување. Тоа е како да се восхитувате на убавината на боите на виножитото предизвикани од бензинот во водата и да не препознаете дека тоа е хемиско загадување – изјавиле истражувачите Фалчи и Бара.
Киба се надеваше дека проблемот со светлосното загадување ќе биде помал, бидејќи во многу урбани средини осветлувањето е променето и е енергетски поефикасно. Градовите, особено оние во развиените земји, инсталираат ЛЕД-осветлување чија светлина е внимателно насочена надолу, односно кон областа што треба да се осветли.
– Се надевав дека ситуацијата ќе се подобри ако светлината се насочи подобро. Но има толку многу видови на осветлување – улично осветлување, декоративно, рекламно. Сите тие во комбинација, како и повеќето извори на вештачка осветленост воопшто, ја влошуваат видливоста на небото – истакна тој.

Загадувањето претставува потрошена енергија

Според една минатогодишна студија на Европската вселенска агенција (ESA), релативно ниската цена на ЛЕД-осветлувањето исто така придонесува за проблемот. Агенцијата тоа го нарече парадокс на осветлувањето.
-Иако револуцијата на ЛЕД-осветлувањето овозможи да се намали потрошувачката на енергија и да се подобри видливоста во текот на ноќта, целокупното светлосно загадување ноќе се зголеми. Парадоксално, колку е поевтино и подобро осветлувањето, толку е поголема зависноста на општеството од светлината – истакна Европската вселенска агенција.
Светлосното загадување не ве спречува само да ги гледате ѕвездите. Се покажа дека тоа влијае на здравјето на луѓето и го нарушува сонот. Покрај тоа, влијае и на однесувањето на одредени животни. Една неодамнешна студија покажа дека овој проблем е поврзан со намалувањето на бројот на инсекти. Киба истакна дека светлосното загадување претставува потрошена енергија, пренесува „Би-би-си“.