Можеби на прв поглед не звучи баш најпривлечно, но еден од уникатните деликатеси во Бангкок е супата што непрекинато се вари речиси педесет години. Точно, различни извори тврдат дека тоа се случува веќе 45, 47 или 48 години, но овие разлики се само нијанси. Станува збор за популарниот ресторан „Ватана панич“ и неговата позната супа што доаѓа од огромно тенџере, високо 75 сантиметри и со дијаметар приближно еден и пол метар. Тајната, велат тие, на оваа необично вкусна супа лежи во тоа што готвачите од рестораните половина век го чуваат истото тенџере со супа на тивок оган. За тоа време, на чело на „Ватана панич“ се смениле три генерации од семејството. Благодарение на тоа што секој ден во супата се додаваат свежо говедско и чкембе, ресторанот служи околу 70 килограми говедско месо дневно.
Сместено во областа Екамаи во централниот дел на Бангкок, инаку едно од најпопуларните места за забава и јадење во градот, познато по своите луксузни барови, бутици, хип-клубови и ресторани, кои ја служат практично секоја можна регионална кујна (традиционално игралиште за ултрамодерни и богати Тајланѓани). Ресторанот зафаќа два ката и привлекува неверојатно голем број гости. Иако има и други опции на нивното мени, препознатливата супа од говедско месо со тестенини е најчестиот избор. Таа супа ги доведе до препорака во водичот на „Мишелин“.
Според Натапонг Кавинатонг, член на третата генерација на сопственикот на семејниот ресторан, неговото семејство нема посебен рецепт за супа. Тој објаснува дека секој од готвачите, моментално одговорни за тој дел од менито, ја дегустира супата и додава состојки по сопствена процена и дискреција. Некои од дополнителните состојки вклучуваат лук, цимет, корен од магдонос, црн пипер и десетина други кинески билки.
– Кога ја презедов работата, татко ми ја правеше супата за да можам да ја вкусам и да сфатам каков е нејзиниот совршен вкус. Денеска веќе имам толку многу искуство што ми е доволно да погледнам во тенџерето и веднаш ќе ми стане јасно што недостига – тврди Кавиантатонг.
Целта на континуираното варење, вели Натапонг, е „да се извлече целиот вкус од коските што се ставаат во супата, како и од сите билки или други состојки или зачини што се додаваат“. Ватана Панич има многу редовни гости, кои доаѓаат во ресторанот уште од мали нозе и на кои супата од говедско со тестенини сè уште им е омиленото јадење на ресторанот. Многумина тврдат дека најдобро е што во неа се чувствува вкусот на коскената срцевина, како и маснотиите од месото, кои го подобруваат вкусот на другите состојки. Исто така, тие цврсто наведуваат дека квалитетот на супата никогаш не се променил, без разлика колку долго сте доаѓале во ресторанот.
– Многу луѓе мислат дека никогаш не го чистиме тенџерето. Но ние го чистиме секоја вечер. Ја вадиме супата од тенџерето, а потоа полека ја готвиме прекуноќ во друго тенџере, додека првобитното тенџере не се измие добро и не се исчисти со природни средства – споделува Натапонг.