Владетелот на Дубаи, Мухамед бин Рашид ал Мактум, ќе мора да им плати повеќе од 640 милиони фунти на својата бивша жена и на нивните деца, а тоа веројатно е најголема сума што британскиот суд досега ја изрекол во некоја бракоразводна парница. Медиумите на островот со денови пишуваат за тоа и јавно се на страната на принцезата Хаја, која во меѓувреме се преселила во Лондон.
Ал Мактум, кој е премиер на Обединетите Арапски Емирати, ќе мора во целост да ѝ го плати износот од 251,5 милион фунти на својата шеста жена, принцезата Хаја Бринит ал Хусеин од Јордан, во рок од три месеци. Таа е најмлада од сите негови сопруги, а ќе добие вкупно 290 милиони фунти за трошоци за обезбедување и за чување на нивните две деца, Ал Џалила и Заеда.
Вкупно годишно, Ал Мактум ќе мора да плаќа по 5,6 милиони фунти за секое дете, и тоа „четири години по добивањето на првата диплома“. Освен тоа, лидерот на Дубаи ќе мора да ги плати и заостанатите обврски кон децата во износ од 9,6 милиони фунти.
Принцезата Хаја, која е претседателка на Меѓународната коњичка федерација и членка на Меѓународниот олимписки комитет, избегала од Емиратите со двете деца во април 2019 година, бидејќи, како што тврди, „била уплашена од заканите“ на нејзиниот доскорешен сопруг. Таа се решила на овој чекор бидејќи шеикот Мухамед претходно грабнал две свои ќерки од сопругата Хурија Ахмед ал Маш, принцезите Латифа и Шамса, кои против своја волја биле вратени во Дубаи.
Тој сакал и децата од бракот со Хаја да ги врати од Лондон, но подоцна се откажал од намерата. Во текот на мачната бракоразводна парница, шеикот ја објавил песната „Живееше и умре“, откако дознал дека сопругата го изневерила со телохранителот, припадник на британската војска, која медиумите ја протолкувале како закана за принцезата. Заканите продолжиле и кога таа со децата се преселила во В. Британија. Добила пораки дека ќе ја пронајдат каде и да е и оттогаш троши многу пари за заштита.
Високиот суд во Лондон, во март 2020 година, пресудил дека шеикот „организирал кампања со застрашување против принцезата Хаја и оти наредил киднапирање на постарите ќерки. Исто така е утврдено дека наредил на принцезата Хаја и на нејзиниот адвокат да им се хакираат телефоните со помош на воениот софтвер ’Пегасус‘“.