Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ја објави книгата „Избрани песни“ од класичниот кинески поет Су Ши, во избор, препев од класичен кинески јазик, предговор и белешки на Игор Радев. Во овој избор се објавени околу 150 песни, а во обемниот предговор Радев дава детална анализа на неговата поезија, но и на карактеристиките, особено на формите на класичната кинеска поезија.
Су Ши (1037 – 1101) е најпрочуениот поет од ерата на династијата Сонг. Тој е олицетворение на конфучијанскиот идеал на сестрано култивирана личност, зашто освен по поезијата, еднакво е славен по својата сликарска уметност, калиграфија, есеистика, политичка дејност, па и научни иследувања. Тој е роден во градот Мејшан, во провинцијата Си Чуан, на југозападот од Кина. Во 1057 година, кога имал само деветнаесет години, на државните испити се стекнал со титулата џин ши. Над 3.000 песни од Ши се зачувани до наше време.
Славен уште за време на животот, по смртта неговата слава само нараснувала. Во многу места во Кина се чува споменот за него. Името му се памети како на еден од најпрочуените поети во историјата. И не само во Кина, тој е популарен поет и во Кореја и во Јапонија.