ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО

На 16 октомври 2009 година, како добри пријатели со академикот Томе Серафимовски, заедно со Манојил (Мане) Јаковлески и Стевче Матевски од Гостивар, бевме специјални гости на промоцијата на неговата монографија „Томе Серафимовски – споменици и спомен-обележја“ и на изложбата на скулптури и постери во новосадскиот разгранок на Српската академија на уметностите. Двете манифестации беа посетени од видни личности на Нови Сад и на Војводина, како и од академици и гости од Белград.
Во сеќавање ни останаа честа и вниманието за нашиот сограѓанин, академик Томе Серафимовски. Македонската делегација ја предводеше академик Георги Старделов, претседател на МАНУ, а го придружуваше академик Владо Камбовски, потпретседател на академијата. Протоколот беше неповторлив, а промоторите искажаа мисли што ги заслужуваше нашиот врвен уметник. Всушност, тоа беше репрезентативно презентирање на македонската уметност, и скулптура. Академик Старделов говореше и ја отвори изложбата, притоа истакнувајќи дека „споменичките портрети академикот Серафимовски ги обликува во нивната пластична структура, раководејќи се секогаш со силата на сопствените оригинални изрази како свој најголем критериум“.
По завршувањето на официјалниот дел, академикот Камбовски предложи да го продолжиме дружењето во ресторан на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, на добра музика и специјалитети од риба.

Во ресторанот амбиентот и гостите беа прекрасни, во средината на салата каминот создаваше посебно чувство за расположение и за опуштање, а тоа беше дополнето од музичарите виртуози на тамбури. Камбовски ја презеде улогата на домаќин, бидејќи како министер за правда во Владата на тогашната држава, во слободното време, во вечерните часови, со колегите и пријателите, доаѓал да ужива на вкусните и разновидни рибни специјалитети, чорби и други домашни јадења, на вкусно вино и на незаборавна музика. Брзо се вклопивме во амбиентот, тивко потпевнувавме, а по некое време тамбурашите дојдоа да нѐ забавуваат со песната „Лихнида кајче веслаше“. Репертоарот го диктираше академикот Камбовски, како „домаќин“ отпеаја неколку песни.

Потоа, претседателот Старделов изрази желба да ја исполни „Трба трби Гевгелија“, а со наша придружба испеа уште две-три песни. Келнерот ни ја пренесе вечерата – чорба од риба и риба на скара. Камбовски на својот шеф му вели: „Претседателе, не сум знаел дека толку убаво пеете. Во изминативе години многу пати сме биле на седенки, не запеавте“. Старделов со смеење и во свој стил му одговори: „Не беа создадени услови за песна, а вечерва убавото друштво и расположение ме предизвикаа. Исто така, и јас не сум знаел дека и ти толку убаво пееш, не само македонски туку и војводински, не само што ги знаеше туку и перфектно ги пееше“. Одличната неколкучасовна ноќна дружба беше уметничка. Во добро расположение, низ разговор, со многу шеги и досетки стигнавме во хотелот, каде што ги допеавме недопеаните песни.