Сатурн можеби нема да ги има своите ледени прстени уште долго, а тоа е заклучокот на астрономите што го набљудуваат со своите телескопи. Новата анализа на податоците собрани од вселенското летало „Касини“ на НАСА, кое орбитираше околу гасниот џин од 2004 до 2017 година, даде нови сознанија за тоа колку долго биле присутни прстените на Сатурн и кога тие би можеле да исчезнат.
Нашиот Сончев Систем и неговите планети се формирале пред 4,6 милијарди години, а научниците долго дебатираа за староста и потеклото на прстените на Сатурн. Некои астрономи веруваат дека светлите ледени прстени мора да бидат помлади од очекуваното, бидејќи тие не еродирале и не се затемниле од интеракцијата со метеороидите во текот на милијарди години.
Анализата на податоците од „Касини“ доведе до ново откритие објавено во списанието „Икарус“, кое ја поддржува теоријата за прстените, кои се појавиле долго по првичното формирање на Сатурн. Дополнителни истражувања исто така дошле до слични заклучоци.
– Нашата претпоставка е дека прстените на Сатурн мора да бидат релативно млади според астрономски стандарди, стари само неколку стотици милиони години. Ако го погледнете сателитскиот систем на Сатурн има други навестувања дека таму се случило нешто драматично во последните неколку стотици милиони години. Прстените на Сатурн не се стари колку планетата, подоцна се случило нешто за да се формира нивната неверојатна структура и тоа е многу интересно да се истражи – вели професорот по астрономија Ричард Дурисен.
Се верува дека прстените се формирале кога диносаурусите сè уште талкале низ Земјата. Прстените се состојат главно од мраз, а само мал процент е карпест прав создаден во вселената од скршени фрагменти на астероиди и микрометеориди. Парчињата слични на зрната песок се судираат со честичките во прстените на Сатурн и создаваат лебдечки остатоци додека материјалот од прстените орбитира околу планетата.
За време на големото финале на „Касини“, кога леталото заврши 22 орбити во кои минуваше помеѓу Сатурн и неговите прстени, истражувачите собраа податоци за тоа колку метеороиди ги „контаминираат“ прстените, масата на самите прстени и брзината со која материјалот од прстените паѓа на планетата. Сите податоци упатуваат на истиот заклучок за помладата возраст на прстените на Сатурн.
Истражувачите беа во можност да проценат колку космички прав, кој редовно се движи низ нашиот Сончев Систем, се акумулирал на ледените прстени. Во текот на 13 години, инструментот за анализа на космички прав на „Касини“ собрал 163 зрна прав што потекнуваат надвор од системот на Сатурн додека се вртеше околу гасниот џин. Прстените беа изненадувачки „чисти“, што сугерира дека тие не постоеле доволно долго за да се акумулира вишок космички прав.
Вселенскиот телескоп „Хабл“ на НАСА го набљудува Сатурн одреден временски период секоја година како дел од програмата „Аутер планет атмосфер легаси“ (ОПАЛ), а динамичниот гасен џин секогаш открива нешто ново. Најновата фотографија го најавува почетокот на „сезоната на краците“ на Сатурн со појавата на два размачкани краци во прстенот Б. Обликот и засенчувањето на краците се разликуваат, тие може да изгледаат светли или темни во зависност од аголот на гледање, а понекогаш и повеќе наликуваат на дамки отколку класичните радијални облици на краци. Ефемерните карактеристики не траат долго, но бидејќи есенската рамноденица на планетата се приближува до 6 мај 2025 година, ќе се појават повеќе. Научниците ќе бараат индиции за да ги објаснат причината и природата на краците. Се сомнева дека станува збор за материјал на прстенот привремено наполнет и левитиран од интеракцијата помеѓу магнетното поле на Сатурн и сончевиот ветер, но оваа хипотеза не е потврдена.
Во меѓувреме, метеороидите се инфилтрираат во прстените и го туркаат материјалот внатре во внатрешните прстени кон Сатурн со голема брзина. Леталото „Касини“ забележа дека прстените губат многу тони маса во секунда, што значи дека на прстените не им останува многу време според астрономските стандарди. Истражувачите проценуваат дека прстените ќе постојат најмногу неколку стотици милиони години. Можно е темните прстени околу Нептун и Уран некогаш да биле поголеми и посветли, слично како што се сега прстените на Сатурн.
Научниците сè уште не се сигурни што ги создало прстените на Сатурн, но можно е гравитациската нестабилност да уништила некои од ледените месечини што орбитираат околу џиновската планета, создавајќи доволно материјал за да се вовлече во прстените што го опкружуваат Сатурн.