Педесет и тригодишен маж од Германија бил излекуван од ХИВ по трансплантација на матични клетки во 2014 година, според наодите објавени неодамна во списанието „Нејчр медисин“.
Истражувачите велат дека тој е петтиот излекуван од вирусот, кој погодува повеќе од 30 милиони луѓе на глобално ниво, по завршувањето на процедурата.
Клучни факти
Иако деталите за неговиот успешен третман првпат беа објавени на конференција во 2019 година, научниците тогаш не можеа да потврдат дека тој и официјално е излекуван.
– Пациентот од Диселдорф нема забележливи траги на ХИВ и престана да ги зема своите лекови за ХИВ во 2019 година – рекоа истражувачите.
Докторот Бјорн-Ерик Оле Јенсен, кој му е лекар на пациентот, објави дека човекот немал знаци на активен ХИВ за време на конференцијата во 2019 година.
Јенсен неодамна во интервју за „Еј-би-си њус“ истакна дека пациентот е „навистина излекуван“, а не е во долгорочна ремисија.
Повеќе од 40 милиони луѓе починаа од сида откако започна епидемијата во раните 80-ти години од минатиот век.
Изненадувачки факт
Првиот човек што беше излекуван од ХИВ беше Тимотеј Реј Браун, кој истражувачите го наведоа како „Берлинскиот пациент“ во наодите објавени во 2009 година. Тројца други се излекувани, вклучувајќи ги „лондонскиот пациент“ во 2019 година, пациентот од Калифорнија и пациентот од Њујорк во 2022 година. Сите четворица биле подложени на трансплантација на матични клетки – постапка со висок ризик, која исто така се нарекува трансплантација на коскена срж, за лекување карцином на крв, и добиле мутација отпорна на ХИВ од нивните донатори, која го брише протеинот што вирусот обично го користи за да навлезе во крвните клетки.
– Мислам дека можеме да добиеме многу увид од овој пациент, како и од овие слични случаи на излекувани од ХИВ – рече Јенсен, истакнувајќи дека смета дека сите пет случаи даваат некои навестувања каде би можеле да одиме за да ја направиме стратегијата побезбедна.
Голем број заболени од ХИВ
Бројот на лица низ целиот свет што имаат ХИВ изнесува 38,4 милиони, според процените на Обединетите нации во 2021 година. Од нив, 36,7 милиони биле возрасни и 1,7 милион биле деца под 15 години.
ХИВ, или вирус на имунодефициенција на човекот, е вирус што го напаѓа имунолошкиот систем на телото и доколку не се лекува, може да доведе до сида или стекнат синдром на имунодефициенција. Центрите за контрола и превенција на болести забележуваат дека не постои ефикасен лек за вирусот и откако луѓето ќе добијат ХИВ, тие го имаат до крајот на животот.
Иако вирусот може да се открие преку симптоми, кои може да бидат видливи како симптоми слични на грип во рок од две до четири недели по инфекцијата, единствениот начин да се дијагностицира е да се тестирате. И покрај тоа што нема лек за вирусот, некои истражувачи започнаа да ги спроведуваат трансплантациите на матични клетки како третман, дозволувајќи им на лекарите да вметнат гени против ХИВ или мутации во новиот имунолошки систем на засегнатото лице.