На средината на 20 век мјузиклите беа едни од најпопуларните филмски жанрови во Холивуд. Тие добиваа најголеми буџети, ѕвездите се натпреваруваа да добијат главна улога во нив, а продуцентите внимателно следеа што минува добро на Бродвеј, за да бидат први што некоја успешна театарска претстава ќе ја адаптираат за големото платно.
Во тоа време се создадени некои од најголемите мјузикли, меѓу кои пет имаат посебно место во срцата на обожавателите на овој жанр, според порталот „Вкусот на киното“.
„Волшебникот од Оз“ (1939)
„Волшебникот од Оз“ е снимен според истоимената книга на Френк Баум од 1900 година. Главната хероина во неговата книга, девојчето Дороти, во овој мјузикл ја игра неповторливата Џуди Гарланд. Таа заедно со својата тетка и чичко живее на фарма во Канзас, каде што расте во сиромаштија за време на големата економска криза, која во 1930-тите ги погоди САД. По едно разурнувачко торнадо, Дороти и нејзиното куче Тото завршуваат во фантастичната земја Оз, каде што се среќаваат за необични суштества, кои им се приклучуваат во нивната авантура. Најпознатата песна од филмот „Over the Rainbow“ е избрана и за најдобра мелодија на сите холивудски филмови снимени досега. Ја компонирал Харолд Арлен, кој е автор и на други популарни песни од филмот.
„Пеење на дождот“ (1952)
Не можете да не го сакате овој мјузикл. Тој ги содржи сите елементи за едно врвно остварување во овој жанр: песни што се паметат „Singin’ in the Rain“, „Make ‘Em Laugh“, „Good Morning“, извонредни костими и сценографија, танцови точки од кои застанува здивот, сцени што денес нѐ засмеваат, шармантен главен протагонист, кого маестрално го игра Џин Кели, како и неговата извонредна филмска партнерка, тогаш 19-годишната Деби Рејнолдс.
„Пеење на дождот“ е забавен мјузикл за глумците што се соочувале со големата транзиција во Холивуд во 1920-тите години, кога студијата првпат почнале да снимаат звучни филмови наместо неми. Режисери се Џин Кели и Стенли Донен, според сценарио на Адолф Грин и Бети Комден.
„Мажите ги сакаат русокосите“ (1953)
Лорелај Ли (Мерилин Монро) и Дороти Шо (Џејн Расел) се танчарки и најдобри пријателки во овој забавен мјузикл на славниот холивудски режисер Хауард Хокс. Лорелај е свртена кон материјалните вредности и целта ѝ е финансиски да се обезбеди со мажење за богат сопруг, додека Дороти најмногу ја привлекуваат згодни и млади мажи. Меѓутоа, нивните желби се едно, а реалноста нешто сосема друго. Овој хумористичен мјузикл е полн со интересни пресврти и со забавни сцени, а тука се и голем број популарни песни, од кои најпозната е „Diamonds Are a Girl’s Best Friend“.
„Приказна од западната страна“ (1961)
Како своевидна модерна верзија на Ромео и Јулија, мјузиклот „Приказна од западната страна“, секако, бил голем бум кога првпат бил одигран на Бродвеј во 1957 година. Четири години подоцна, публиката можела да ја види одличната верзија на големото платно. Извонредната музика на Леонард Бернштајн и либретото на Стивен Сондхајм не биле многу сменети, а за потребите на филмот бил ангажиран и режисерот и кореограф на претставата Џером Робинс.
Во овој класичен филм на Роберт Вајс го следиме ривалството на две млади момчиња од Њујорк во текот на 1950-тите. Членовите на едната банда се имигранти од Порторико, додека членовите на втората се тинејџери, родени во САД. Нивното ривалство прераснува во жесток судир, по што Тони од таборот на домаќините се вљубува во Марија, сестрата на Бернардо, лидерот на порториканската банда.
„Моите песни, моите сништа“ (1965)
Во еден од најпопуларните филмови на сите времиња, чие дејство се случува кон крајот на 1930-тите години, Џули Ендруз ја игра Марија, девојка што сака да стане калуѓерка, но не е доволно дисциплинирана за да ја примат во католичкиот манастир во Салцбург. Наместо тоа, таа станува гувернанта на имотот на капетанот Фон Трап (Кристофер Пламер), некогашен офицер на австроунгарската царска морнарица.
Поради нејзиниот слободен начин на воспитување на неговите седум деца, Марија доаѓа во судир со капетанот, кој е навикнат да спроведува строга дисциплина во својот дом. Сепак, тие некако наоѓаат заеднички јазик, а со текот на времето меѓу нив се раѓа љубов… Музиката за филмот ја напиша Ричард Роџерс, додека текстовите ги напиша неговиот најблизок соработник Оскар Хамерстајн.