Камерата за темна енергија (ДЕкам), инструмент поставен на телескопот „Виктор Бланко“ во американската опсерваторија „Серо Тололо“, произведе импресивна галактички панорама, која ја објави „Харвард“.
Панорамата покажува повеќе од три милијарди ѕвезди што сјаат „набиени“ меѓу тенки појаси прав во нашата матична галаксија, Млечниот Пат. Податоците користени за креирање на оваа панорама доаѓаат од второто издание на истражувањето наречено „Дарк енерџи камера плејн срвеј“ (ДЕЦаПС).
– Една од главните причини за успехот на истражувањето е тоа што едноставно опфативме регион со екстремно висока густина на ѕвезди и бевме внимателни да ги идентификуваме изворите, кои се чини дека се речиси еден врз друг. Ова ни овозможи да го создадеме најголемиот каталог досега со една камера, во однос на бројот на набљудувани објекти – рече Ендрју Сајџари од „Харвард“.
Првите податоци за ДЕЦаПС беа објавени во 2017 година, а нивното второ објавување покрива 6,5 проценти од ноќното небо и опфаќа неверојатни 130 степени во должина.
– Кога се комбинираат фотографиите од системот Пан-СТАРРС 1, ДЕЦаПС2 комплетира панорамски приказ од 360 степени на дискот на Млечниот Пат, а исто така достигнува многу послаби ѕвезди. Со ова ново истражување можеме да ја мапираме тродимензионалната структура на ѕвездите на Млечниот Пат и правот со невидени детали – рече Едвард Шлафлај, еден од авторите на трудот.
Истражувањето ДЕЦаПС2 идентификуваше 3,2 милијарди објекти од повеќе од 21.400 индивидуални изложувања, кои произведуваат повеќе од 10 TB-податоци. Ова им овозможи на астрономите да се „нурнат“ во галактичката рамнина за подобро да го разберат Млечниот Пат.