Книгите во сетот се читаат по редослед, од книга 1 кон книга 31, следејќи ги трите нивоа: црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица
Новиот воспитно-образовен комплет за почетно читање „Мојата прва библиотека“ од авторката Деспина Мукоска, со илустрации на Калиопи Трпчева, беше промовиран деновиве во книжарницата „Литература.мк“. Промотори на изданието за деца беа Весна Мојсова-Чепишевска, Јасмина Делчева-Диздаревиќ и Владанка Д. Миче, а во улога на модератор беше Татјана Димовска-Атанасова.
Станува збор за комплет од 31 сликовница и картички со букви, во издание на „Арс ламина – публикации“. Книгите во сетот се читаат по редослед, од книга 1 кон книга 31, следејќи ги трите нивоа: црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица.
– „Мојата прва библиотека“ ги учи децата како самостојно да научат да читаат и истовремено да ја развијат љубовта кон читањето. Претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат во училиште. Со овие сликовници се создаваат поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина. Со совладување на секоја буква и текст од сликовниците, детето има чувство дека прочитало цела книга. Детето на тој начин ја гради, чекор по чекор, својата прва библиотека, составена од првите книги, кои може самостојно да ги прочита – рекоа промоторите.
Овие сликовници паралелно можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение.