На 14 декември 1979 г. е издадено ремек-делото „London Calling“ од, во таа декада, најдобриот светски рок-бенд „Клеш“. Тоа е годината кога Маргарет Тачер го добива премиерскиот мандат и на тоа место останува цели 11 години, кога политичката и економската филозофија во Англија се стреми да ја намали државна интервенција со што ќе се стави крај на прекумерното мешање на Владата во економијата, и тоа преку приватизација на претпријатијата во национална сопственост. Тоа е и годината со најголема двоцифрена невработеност, социјални немири, грабежи, дрога, расни проблеми, инфлација, штрајкови, фудбалски хулиганизам, вандализам…
Неверојатно плодно поле за уметниците, кои имаа премногу теми за критика. Е, тој момент многу интелигентно го користи „Клеш“ и го издава овој неверојатен албум. Музиката е мешавина од различни стилови (панк, реге, соул, рокабили, фанк, рок), така компактно и интелигентно склопени да не оставаат простор за доработки. Текстовите се полни со огорченост, а неверојатниот распукнат рокерски глас на Џо Страмер (лидерот) им дава посебен белег на песните во кои тој пее. Критиката, публиката, музичките емисии, младите, работничката класа, колегите музичари, сите се воодушевени од ова двојно парче пластика. Прогласен е за втор најдобар дупли албум на сите времиња, а некои песни стануваат химни на различни здруженија, класи, национални групи, работнички движења.
На двојниот албум се наоѓаат 19 песни, а некои се такви бисери што влегуваат во секоја антологија на светската рок-музика. Химната на апокалипсата, мрачниот „London Calling“ е насловната песна и во неа Страмер ги споменува многуте начини на кои живиот свет на земјата би можел да го заврши својот живот. Најмногу е поттикнат од делумното топење на вториот реактор на нуклеарната централа во Пенсилванија. Песните: „Train in the Vain“, „Clampdown“, „Spanish Bombs“, „Lost in the Supermarket“… се дел од светската музичка ризница, а првата песна „Guns of Brixton“ напишана од басистот Симонон претставува врв на творештвото на „Клеш“. Дизајнот на корицата на албумот (кој е копија на корицата на еден од албумите на Елвис Присли) е прогласен за еден од најдобрите десет дизајни на корици на албуми на сите времиња. На фотографијата басистот Симонон ја крши гитарата на сцена, рефлектирајќи го односот на луѓето од островот дека тоa е единствениот начин да се доведат работите во ред. Кај нас овој албум се слушаше доста, но како форма или како мода. Многумина се фалеа како го поседувале, го слушале и играле на песните на овој албум, не знаејќи дека суштината на албумот е многу подлабока.
Автор: Љупчо Давчев