Во периодот помеѓу 17.000-9.000 години пред нашата ера во Западна Европа постоела мошне необична култура позната како магдалениј, именувана според локалитетот Абри де ла Мадлен во Франција. Магдалениската култура за првпат била откриена во 1875 година, а првично била именувана како доба на ирвасите. Културата географски била широко распространета, од Португалија на запад и Полска на исток, а на север сѐ до Франција, Канарските Острови, Англија и Велс. Културата е поврзана со ловците на ирваси, но локациите содржат обемни докази за лов на црвени елени, како и други големи цицачи што биле присутни во Европа во овој период.
Магдалениската епоха се карактеризирала со целосен развој на пештерското сликарство, а една од најпрекрасните пештери е Алтамир, која е позната по големите мурали и украсни тавани. Магдаленијците користеле пигментна боја во многу поголема мера отколку нивните претходници.
Магдалениската култура е поделена на шест фази, кои имаат хронолошко значење. Најраните фази се препознаваат според различниот дел на сечилата, средната фаза се карактеризира со појава на микролитска компонента, а подоцнежните фази се препознатливи според харпуните изработени од коски, рогови и коски од мамути.
Во средниот период на магдалениската култура се појавиле неколку напредни примероци на праисториска глина, односно моделирање од глина. Особено се впечатливи примероците пронајдени во четири пештери на Пиринеите, како што се бизонскиот релјеф и глинената статуа на мечка во природна големина.
Магдаленијците се одликувале и со микролитска технологија и функционални занаети, особено е значаен т.н. ирвас од Лортрет, кој се датира околу 15.000 години пред нашата ера. Откриен е на Горните Пиринеи, Франција, а станува збор за орудие создадено од рог на ирвас со врежани слики од ирваси и риба. Употребата на коски од животни, како и од мамутите, започнала во епохата што ѝ претходела на Магдаленијците, а нивните орудија биле разновидни – копја, харпуни, куки, игли итн.
Пронајдени се и морски школки и фосили, а познавачите веруваат дека станува збор за трговски врски или, пак, за ловци собирачи што заминувале на бреговите на одредени области.
Познавачите велат дека Магдаленијците имале накитна уметност, изработувале нараквици, приврзоци, ѓердани, иглички и сл. Тие се направени од рогови на ирваси и други животни, како и од коски од мамути. Интересни се резбите на коските од мамути што имаат фини фигуративни или геометриски гравури. Околу 11.000 години пред нашата ера почнала да се појавува нова резба, која се применувала на плочи и воопшто на предметите. Оваа тенденција станала широко распространета и до 10.000 години пред нашата ера започнал да опаѓа уметничкиот квалитет.
Истражувачите веруваат дека Магдаленијците биле луѓе со низок раст, ниско чело и истакнати гребени на веѓите. Нивните коски покажуваат траги на исечоци и кршења, затоа се верува дека станува збор за канибализам, односно за консумирање човечко месо и коскена срцевина.