Компанијата „ОпенАИ“ има намера да ги награди оние што ќе пронајдат грешки во четботот ЧетГПТ.

„ОпенАИ“ објави програма што ќе ги награди оние што ќе откријат грешки во нејзиниот ЧетГПТ, ОпенАИ-приклучоците, Опен АИ АПИ и други сродни услуги, со парични награди што се движат од 200 до 20.000 долари.
– Ве охрабруваме да пријавите пропусти, грешки и безбедносни пропусти што ќе ги откриете во нашите системи. Со споделување на вашите откритија, вие играте важна улога во правењето на нашата технологија побезбедна за сите – соопштија од компанијата.

Оваа програма беше најавена откако грешка ги откри заглавијата на разговорите на корисниците, првата порака во новите разговори, како и информациите за плаќање на корисниците на услугата ЧетГПТ плус. „ОпенАИ“ е под притисок за начинот на кој ги штити податоците на корисниците, особено кога станува збор за малолетници. ЧетГПТ е забранет во Италија токму поради оваа причина. Овие прашања, како и отвореното писмо потпишано од Стив Возниак и Илон Маск, кое повикува на шестмесечен прекин на развојот на системи за вештачка интелигенција, доведоа „ОпенАИ“ јавно да ја покаже својата посветеност на безбедноста.

Износот на паричната награда ќе зависи од сериозноста на грешката, но има јасни правила. Меѓутоа, веќе во првите часови им беа исплатени неколку парични награди на корисниците што пронајдоа грешки.