По 20-ти јубилеен пат, на 4 март во Прилеп ќе се одржи карневалот „Прочка“, кој последните две години не се реализира поради пандемијата на ковид-19. Подготовките за карневалот се во тек, а се очекува годинашните учесници, кои ќе бидат само од земјата, со своите креативни и инвентивни маски, да продефилираат на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“. Ним ќе им се придружи и традиционална маска „Мечкарите“. Учесниците се од Прилеп, Кавадарци, Берово, Охрид и други македонски градови.
Според најавите, карневалските активности почнуваат на 4 март, напладне, кога во ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи традиционалната изложба на рачно изработени маски, при што ќе се доделат и признанија за најуспешните и најоригинални творби.
На Прочка дефилето на маски ќе биде збогатено со кловнови, жонглери и акробати, в недела од 13.30 часот, на централна бина на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, ќе настапи и групата „Фолтин“, која ќе ја збогати карневалската атмосфера.
Традиционално, на 7 март (понеделник), здружението „Прилепски мечкари“ одржува заеднички посен ручек за сите учесници, со што се најавуваат предвелигденските пости. Заедничкиот традиционален ручек е во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во околината на Прилеп.