Фото: Пиксабеј

Техно

Претставниците на Тикток ќе се појават пред американскиот Конгрес за да се соочат со обвинувања дека платформата претставува закана за националната безбедност на САД. Додека компанијата се обидува да избегне потенцијална забрана на оваа платформа, прашањето е колку корисници навистина разбираат што значи да се прифатат условите за користење на апликацијата и политиката за приватност.
Информациите што Тикток ги собира во САД вклучуваат име, возраст, кориснички имиња, адреси на е-пошта, лозинки, телефонски броеви, локација, содржина на пораки, информации за купување, податоци за активности на други сајтови и апликации, имиња и типови датотеки, шеми и ритми на притискања на тастатурата, ајпи-адреси, информации за уредот и оперативниот систем, како и биометриски идентификатори како што се отпечатоци од лице и глас. Експертите предупредуваат на потенцијалните опасности што произлегуваат од таквото сеопфатно собирање податоци, наведувајќи дека Тикток не е сам во ова и дека начинот на кој оваа платформа собира податоци е без преседан. Дополнителна загриженост предизвикува фактот што податоците се чуваат во САД и во Сингапур, но поврзани се и со сервери во Кина, што претставува голема грижа за американскиот Конгрес.
Вил Грагидо, експерт за сајбер-безбедност, нагласува дека собраните статистички и демографски податоци, преференции и контакти на платформата може да се користат за различни цели, вклучувајќи дезинформации, шпионажа и надзор. „Тикток“ тврди дека корисниците ги контролираат податоците што ги собира апликацијата, потпирајќи се на согласноста дадена преку условите за користење. Сепак, прашање е колку корисниците всушност наоѓаат време да ја прочитаат целата политика за приватност пред да се согласат со нејзините услови, имајќи предвид дека се привлечени од континуираниот прилив на забавни видеосодржини.