Фото: Пиксабеј

Деновиве сѐ повеќе луѓе се жалат на замор, стомачни проблеми и кивање!

Колку и да беше блага зимата зад нас, сепак потоплото време со себе носи и пролетен замор што го отежнува секојдневниот живот, особено кај метереопатите. Во пролетните месеци се зголемуваат тензичните главоболки и мигрената, дигестивните проблеми и болките предизвикани од гастритис и чир на желудникот. Чести се депресијата, нервозата и проблемите со концентрацијата, како и сезонските алергии типични за овој период од годината.

Замор и летаргија

Покрај тоа што ја ослабува концентрацијата и ја намалува способноста за работа, пролетниот замор го слабее и имунитетот, па стануваме подложни на бактерии и вируси.
Витаминот Ц брзо и ефикасно го отстранува заморот, па заедно со младиот кромид, зелената салата, ротквичката и со спанаќот се препорачува да се земаат агруми, киви, но и пиперки и магдонос, кои се особено богати со овој витамин. Добра е и храната богата со растворливи влакна, како што се јаболката, овесот и мешунките. Не заборавајте на железото, кое може да ја подобри состојбата со сонот во борбата против сонливоста и лошото расположение, а најбогати извори се црниот дроб, црвеното месо, јајцата, пилешкото, рибата, сојата, тиквата, овесот, грашокот, смоквите. Консумацијата на алкохол треба да се ограничи, бидејќи има депресивно дејство на централниот нервен систем. Избегнувајте и прекумерно консумирање кафе, црн чај, газирани пијалаци и слатки.
Здравиот сон од осум часа и легнувањето порано од вообичаеното, како и утринскиот туш со наизменично топла и ладна вода можат да помогнат против пролетниот замор.

Чувствителен стомак

За оние што страдаат од гастритис или воспаление на слузницата на желудникот, пролетта е исто така проблематична сезона. Промените на надворешната температура претставуваат стрес за телото, особено за органите за варење. Во пролет доаѓа до зголемено лачење на киселината што ги иритира ѕидовите на желудникот, предизвикувајќи непријатни симптоми како мачнина и болка.
Во овој период треба да се посвети поголемо внимание на исхраната, која луѓето со чувствителен стомак веќе добро знаат од што треба да се состои. Избегнувајте јака, зачинета, масна и зачинета храна, кромид, но и храна што предизвикува надуеност, како мешунки и зелка. Пушењето и консумирањето алкохол треба строго да се исфрлат. Јадете пет-шест мали, лесно сварливи оброци дневно и приготвувајте ја храната на пареа.

Напад од полен

Со првите знаци на пролетта и процутот на вегетацијата, огромен број луѓе се соочуваат со симптоми на алергија на полен, а некои од нив со постојано кивање, чешање на носот и обилен исцедок, насолзени очи, понекогаш отежнато дишење со свирење и крцкање во градите, лесен замор, како и чувство на целосна малаксаност.
Меѓу работите што можат да помогнат е избегнување на алергените – кога излегувате треба да носите заштитни очила, капи, да ја соблечете облеката кога ќе се вратите дома или да ја оставите надвор од станот. Следниот чекор е земање антихистаминици и назални кортикостероиди, кои ги смируваат симптомите во носот. Доколку овие лекови не ви помагаат, ако не ги намалуваат симптомите или ако се земаат премногу често, се советува имунотерапија.