Сите поминуваме по неколку часа гледајќи во екранот на нашиот лаптоп или мобилен телефон, бескрајно пребарувајќи низ интернетот или социјалните мрежи. Бидејќи сме поврзани со новата технологија поради работата, ние се изложуваме и на емисии на сина светлина што може да биде штетна на долг рок. Сината светлина е вид видлива светлина што ја емитуваат електронски уреди како паметни телефони, таблети и компјутери. Изложеноста на сина светлина може да го наруши природниот циклус на спиење и да предизвика замор на очите, главоболки, предвремено стареење на кожата и замор.
Докторката Даниела Келвас, главна медицинска советничка во „Слиплајн“, вели дека намалувањето на изложеноста е особено корисно за луѓето што поминуваат многу време пред екраните или имаат проблеми со спиењето.
– Сината светлина има кратка бранова должина и висока енергија, што значи дека може да навлезе длабоко во окото и да стигне до мрежницата. Тоа може да го наруши нашиот природен циклус на спиење и будење, кој ги регулира моделите на спиење – објасни таа.
Изложеноста на сина светлина во текот на ноќта може да го потисне производството на мелатонин, хормонот што ни помага да заспиеме и може да го отежни добриот сон. Значи, покрај намаленото користење на телефонот, кое е решението?
Инсталирање опција за сина светлина во вашиот паметен телефон или уред
Многу уреди, вклучувајќи ги и паметните телефони и таблети, имаат вградено опции за активирање на функциите против сина светлина. Овие опции, кои обично ги приспособуваат боите на екранот во потопли нијанси за да ја филтрираат сината светлина, често се нарекуваат „најт шифт“ или „најт моуд“.
Можете да ја приспособите вградената функција за сина светлина со одење во поставките и допирање на екранот. Таму ќе видите поставка наречена „ноќно светло“ или „сино светло“, кое може да се приспособи; можете да закажете и кога сакате да се вклучува и исклучува.
Очила против сина светлина
Постојат и уреди што можат да помогнат да се намали изложеноста на сина светлина. Според Келвас, еден од начините да се намали сината светлина е да се користат очила за филтрирање на сината светлина, кои, според студијата од 2019 година, исто така можат да помогнат во лекувањето на нарушувања на спиењето кај луѓето со Паркинсонова болест. Има и општи придобивки од носењето на овие очила, вклучувајќи и намалено напрегање и оштетување на очите. Постојат и заштитници на екранот против сина светлина што го блокираат прекумерното ниво на сина светлина. Студија од 2020 година покажа дека користењето заштитник на екранот може да намали до 99,8 проценти од сината светлина.
Софтвер или апликации за намалување на сината светлина
Ако поставката за осветленост на уредот не е доволна или вашите уреди не нудат внатрешни опции, може да преземете и софтвер специјално направен за намалување на сината светлина.
Американската оптометриска асоцијација и другите здравствени власти продолжуваат да проучуваат други начини на кои сината светлина може да претставува ризик по здравјето, но засега приспособувањето на вашите поставки и користењето очила или заштитници е одлична мерка на претпазливост за да се намали изложеноста, пишува „Хаф пост“.