Сè до доцниот среден век, луѓето не го сметале времето како нешто одвоено од работата што ја работат. Косењето на тревникот, на пример, не траело половина час, туку онолку време колку што било потребно да се искоси тревникот
Пред илјада години луѓето живееле без часовници, така што буквално постоело време пред времето, а за да се определи се користеле метафори. Во средновековна Англија, на пример, тие имале мерка на време наречена „патер ностер вајл“, што било времето потребно за да се каже господовата молитва. Значи, каков бил животот без часовници и колку часовниците го сменија начинот на кој се гледаме себеси и светот?
Кравите се молзеле кога им било време за молзење
Сè до доцниот среден век, луѓето не го сметале времето како нешто одвоено од работата што ја работат. Косењето на тревникот не траело, на пример, половина час, туку онолку време колку што било потребно да се искоси тревникот. Историчарите ова го нарекуваат начин на живот „ориентиран кон задачи“. Тоа значи дека на времето се гледало во однос на тоа колку долго траела задачата, а не поделено на часови, минути или секунди.
– Кравите се молзеле кога им било време за молзење, нивите се жнееле кога им било време на жетва. За лудак бил сметан секоја што се обидувал да наметне надворешен распоред за нешто. На пример, да се заврши месечното молзење во еден ден, за да го тргне од листата на обврски, или да се изврши жетвата порано одошто е време за тоа – пишува Оливер Буркеман во својата книга „Четири илјади недели: Управување со времето за смртници“.
Поентата е дека пред пронаоѓањето на часовникот немало работно време од осум до шеснаесет часот. Работата била завршена кога ќе се соберела жетвата. Повеќето луѓе работеле дење, што значело долги денови од шеснаесет часа лете и многу пократки, осум часа зиме. Немало брзање да се заврши задачата поради некои вештачки временски ограничувања. Сѐ траело онолку колку што било потребно.
Повеќето луѓе денес работат во канцеларија или во фабрика. Ако сакате да одржите состанок во одредена просторија со одредени луѓе и кажете: „Ајде да се собереме по ручек“, тоа ќе биде малку нејасно. Тешко ќе биде да се фати возот навреме ако го правите тоа „откако ќе ги измиете забите“ или да отидете да гледате филм во кино – „кога ќе зајде сонцето“.
Британската пошта прва почнала да користи часовник
Како што Европа се индустријализирала, флексибилноста на аграрниот живот ориентирана кон задачите била запрена. Првата голема корпорација што почнала редовно да користи часовници била британската поштенска служба, а потоа тоа почнале да го прават и железничките компании. Но, наскоро сите ги виделе предностите на живеењето со употреба на часовник. Тешко било да се координираат фабричките работници и да функционира производството без часовник. На индустријализацијата ѝ биле потребни работници што ќе стигнат на работа „навреме“. Продуктивноста и ефикасноста барале употреба на механизам што точно ќе го мери времето потребно за извршување некаква задача.
Кога ја проучувате историјата на идеите, често е лесно да го проектирате сопствениот живот врз животите на оние што живееле претходно. Денес е тешко да се замисли како се управувало со општествата без употреба на часовник. На еден средновековен земјоделец, пак, нашиот живот денес би му изгледал многу туѓо и дистописки.
Часовниците целосно го искоренија и го сменија начинот на кој го гледаме светот. Само размислете колку често го проверувате времето на вашиот телефон или часовник, колку всушност нашиот живот е управуван од часовникот. Како да сме ги поделиле животите на мали коцки и сме ставиле парчиња од себе во тие блокови. Работите порано биле „ориентирани кон задачите“, сега се обидуваме да го растегнеме и скршиме светот за да ги исполниме барањата на времето, пишува „Бигтинк“.